Македонскиот претседател Ѓорге Иванов денеска во Истанбул се сретна со турскиот колега Реџеп Таип Ердоган. На средбата двајцата претседателите изразиле задоволство од високото ниво на севкупните билатерални односи меѓу Македонија и Турција, од високиот степен на политички дијалог и доверба, и отсуството на отворени прашања.
Како што соопшти Кабинетот на Иванов, заеднички биле констатирани традиционално пријателските односи меѓу двете земји и била изразена подготвеност за натамошно унапредување на соработката во сите сфери од заемен интерес, со посебен акцент на економската соработка. – Брзиот и динамичен раст на турската економија отвора сериозни инвестициски можности во Република Македонија, што е во интерес на двете земји, било посочено на средбата.
Во разговорите, претседателите размениле мислења и информации за актуелните политички состојби, за надворешно – политичките цели и за приоритети на двете земји, како и за состојбите со мигрантската криза.
Претседателот Иванов изразил очекување дека Република Турција во пресрет на претстојниот НАТО самит во Варшава ќе продолжи со силната и отворена поддршка за членство на Република Македонија во Алијансата.
– Доколку Алијансата не успее да изгради консензус за преиспитување на заклучоците од Букурешт и покрај пресудата од Хаг, и не ја поправи грешката и неправдата од Букурешт, тогаш очекуваме да биде креативна и да смисли начин како да ја помести оваа статус – кво состојба, која не е во прилог ниту на Република Македонија, ниту на регионот, ниту на Алијансата, истакнал Иванов.
Двајцата претседатели размениле информации за најновите случувања околу бегалската криза, како најголем предизвик со кој се соочува регионот, Европската унија и Европа во моментов.
Македонскиот претседател го информирал претседателот Ердоган за мерките и активностите кои ги спроведува и презема Република Македонија за справување со кризата, како и за потребите од поголема техничка и финансиска помош.
Претседателот Иванов посочил дека е неопходна засилена соработка меѓу државите во регионот во контекст на постојано информирање и превенција од заканите и ризиците од илегалната миграција. Во таа насока, двајцата претседатели истакнале дека сите држави се засегнати од бегалската криза и мора да ја споделат одговорноста и да ги почитуваат заедничките политики за справување со кризата, истовремено штитејќи ја својата националната безбедност.
Повод за посетата на претседателот Иванов на Истанбул е присуството на погребната церемонија на Ибрахим Џевахир, турски бизнисмен и сопственик на компанијата „Џевахир Холдинг“, голем пријател на Република Македонија и инвеститор во нашата држава, се наведува во соопштението од Кабинетот на Иванов.