Што презема градскиот татко за безбедноста на сообраќајот кога ние не сме безбедни ниту на пешачки премин?, прашуваат родителите на прерано починатиот Иван Билински, кој во ноември минатата година загина во сообраќајна несреќа на пешачки премин близу католичка црква.
За време на денешната седница во Град Скопје, каде опозицијата побара посебни мерки за унапредување на безбедноста во сообраќајот, родителите на Иван испратија апел да се преземат мерки за да се намали смртноста на скопските улици.
-Ако не е безбеден граѓанин на пешачки премин, тогаш каде е безбеден? Тоа е непераведно кон нас и како жители и како граѓани на Град Скопје – изјави таткото на Иван, Стево Билински.
Седницата следи по трагичната несреќа која се случи во петокот на булеварот Илинден, каде загина 13-годишниот Давид. На барање на советникот од ДПА, Идриз Орана, за време на седницата советниците со едно минутно молчење му одадоа почит на малиот Давид.
Како и Иван, Давид поминувал на пешачки премин кога на него налетало возило марка „фиат пунто“. И во двата случаи семафорите не биле исправни.
-Апелираме до надлежните органи за појака контрола со цел да се намалат сообраќајните несреќи. Процесот против убиецот на нашиот син се уште не е решен. Не беше ни во притвот оној што го удри – вели мајката на Иван, Перса Билински.
-Џабе ми е се, кој ќе ми го врати детето. Одличен ученик, свиреше на кавал. Најтрагично и тешко ни паѓа, како родители тоа што по оваа несреќа се случија и други несреќи. Сообраќајката на Рузвелтова, потоа девојчето што беше удрено на Пртизанска, таткото рече дека отисоците не се поклопуваат. Ние имаме сообраќајна несреќа без траги на кочење и без крв, а со смртни последици… Како може тоа? – прашува таткото.
Родителите се сомневаат дека за сообраќајната несреќа е виновно уште едно возило, но дека возачот не понел одговорност. Записникот е лажен и извртен, велат тие.
Советниците во Град Скопје од власта рекоа дека се очекува наскоро да биде донесен нов закон за сообраќај кој предвидува формирање на градски Совет за безбедност во сообраќајот. Овој Совет ќе треба да подготви стратегија за безбедност. Опозициските советници, пак, повикуваат Градот да преземе конкретни мерки што е можно поскоро, затоа што стратегијата е планирана за годините што ќе следат.
Советникот на ВМРО-ДПМНЕ, Јован Лазаров, рече дека улиците низ Скопје се унапредени и дека сообраќајот е денес побезбеден поради изградбата на кружни текови на неколку црни точки каде што имало поголем број на сообраќајки. Додаде дека е во процес изградба на нови велосипедски патеки, но дека останува проблемот со системот на камери што не функционира.
-Најголем број на несреќи се случуваат на широките булевари поради неприлагодена брзина. Решението на проблемот лежи во камерте. Поставени се камери, само треба да се стават во функција и оние што нема да ги почитуваат семафорите или ограничувањето на брзината да добиваат казни – изјави тој.
Социјалдемократот, Ѓорге Матевски, побара да не се одлагаат решенијата за црните точки низ градот. Убеден сум, рече тој, дека приоритет се животот и здравјето на граѓаните на Скопје, а не да се издвојуваат пари за барок, споменици, лавови и мостови.
– Катастрофалниот тренд на загинати и повредени во сообраќајни несреќи изискува брзи интензивни мерки. Преку лоцирање на црни точки треба да се изработи студија за нивна санација, но премногу бирократски е да се размислува дека оваа студија ќе се работи откако прво ќе се изработи стратегијата во 2016 година. Што се случува со овој период и периодот што ни престои, не може да чекаме да се изработи студија. Овие мерки и чекори мора да се интензивираат – порача тој.
Бројни студии во светот, рече Матевски, покажуваат дека големиот број на сообраќајни несреќи во кои страдаат пешаци се случуваат ноќе. Од таму, додаде, потребно е веднаш да се пристапи кон осветлување на пешачките премини по европски стандарди и со посебни фотометриски методи.
Тој предложи мерки до секторот за сообраќај на Град Скопје. Матевски предлага да се изработи велосипедска инфраструктура, а во училиштата кои се под ингеренција на Градот да се воведе сообраќајно образование во поглед на користењето на велосипедите. Тој предлага во буџетот на Градот за 2016 година да се предвидат средства за надземни и подземни премини на местата каде има фреквинтни поминувања на пешаци како на пример булеварот Партизански одреди, улицата Ѓорче Петров и други булевари и улици кои треба да се утврдат како приоритети.
Понатаму Град Скопје да побара од МВР засилена контрола, спречување и санкцинирање на непрописно движење на возила, особено при ноќните трки.