На платото пред Кабинетот на Претседателот на Република Македонија „Вила Водно“, синоќа се одржа џез – настан посветен на афирмација на џез – културата во Македонија. Оваа манифестација се одржува традиционално, трета година по ред, на лична иницијатива на претседателот Иванов, а со цел промоција, поддршка и негување на џез-културата во Република Македонија.
Настанот, како што соопшти Кабинетот на Иванов, беше отворен со настапот на студентите на факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, предводени од професор Тони Китановски, по што настапија „Марија Џез Квартет“ и Петар Ренџов со „Тумбао Салса бенд“.
Пред присутните се обрати претседателот Иванов, кој повика на натамошна поддршка на џез-културата во земјата.
– Квинси Џонс вели дека џезот има моќ да исчезнат разликите меѓу луѓето. Џезот е таа сила што ни овозможува и од непријатните состојби во кои се наоѓаме да излеземе здружени, силни, со надеж, пријателство, слобода и достоинство. Се радувам што сте дел од тоа достоинство, пријателство и љубов кон една музика која е синоним за слобода, рече претседателот Иванов.
Благодарност до македонскиот претседател за иницирањето на овој настан и за неговата лична посветеност на ширење на џез – културата искажа во своето обраќање Виолета Кинг од „Џез ФМ радио“. Кинг посочи дека ова радио одигра голема улога во создавање и креирање на џез сцената во Македонија и повика на поддршка за радиото, со цел „Џез ФМ“ и во иднина да продолжи да емитува добра музика.