„ВМРО-Народна партија потсетува дека иако поминува првиот месец од новата учебна година, сеуште нема објавено точни податоци за вкупниот број на запишани првачиња, ученици во основни и средни училишта и нивната етничка припадност поединечно, за ученици Македонци, Албанци, Турци, Роми и други.
За ова мошне важно и чувствително прашање, македонските граѓани треба да бидат навремено известени, за да можат да извлечат поука и да не ги повторуваат грешките од минатите години. Токму заради прикривањето на овие податоци имавме тешки пореметувања во одржувањето на наставниот процес, како што беа бројни бојкоти на ученици, родители и наставници, барање оставки на директори и други функционери од сферата на образованието, еднострани промени на имињата на училиштата, до катастрофални погрешни решенија на инспекторатот за образование, што доведоа до улични протести. Заради сето ова, македонската јавност треба да знае каков е текот на демографските движења, со што сигурно ќе се избегнат вакви несакани процеси.
ВМРО-Народна партија е зачудена од молкот на албанските политички партии за овој проблем, кога се знае дека врвен приоритет во корпусот на нивните партиски и политички дејствувања е правото на еднаквост во образованието и подобрувањето на условите во училиштата со албански наставен јазик, за што ние како партија сме се согласиле повеќе пати дека се во право.
ВМРО-Народна партија ги повикува релевантните институции пред се Министерството за образование и Државниот завод за статистика, итно да ги објави овие податоци, со што сите ќе имаме точен увид за вкупните демографски состојби во Р.Македонија за да се избегнат погрешни и своеволни проценки, што може да доведат до сериозни меѓуетнички нарушувања“, се вели во соопштението на ВМРО-НП.