Дел од копнената граница меѓу Грција и Турција во северногрчката област Еврос постои опасност да прерасне во нова дестинација за влез на бегалци и мигранти во Грција, предупредува атинскиот весник „Катимерини“.
Стравувањата се и поради фактот дека дел од заштитниот ѕид долж грчко-турската граница е разурнат од поплавите во текот на зимата и не се обновени.
Весникот, исто така, наведува дека во изминатите неколку дена Фејсбук група „Забрането преминување“ започнала со организиран транспорт со автобуси и приватни возила на бегалци и имигранти од турското крајбрежје во насока на Одрин, со цел да се избегне патот на смртта по море.
„Катимерини“ наведува дека текстови на оваа тема имало и во турските весници.
Турскиот весник „Заман“ објави текст „Сиријците тргнаа по патот на надежта“ кон Европа по автопатот Тем. Во текстот се наведувало дека Грција треба да ги прими сириските бегалци, и дека Сиријците со упатиле кон Одрин по тој и други патишта.
Турскиот весник „Хуриет“, исто така, објави дека околу три илјади сириски бегалци, кои се организирале преку интернет, патуваат кон Одрин со изнајмени автобуси и приватни автомобили, како и дека полицијата ги запрела по наредба на Министерството за внатрешни работи.