Првиот дел од платата за јули на вработените во МЖ Транспорт АД Скопје ќе биде исплатена денеска, а наскоро и вториот дел. Разговараме со синдикатите и се прават максимални напори за договор за повторно нормализирање на железничкиот сообраќај, изјави директорот на МЖ Транспорт Никола Костовски.
Тој го оценува како нелегитимен бојкотот на машиновозачите поради кој од вчера напладне е во целосен прекин товарниот и патничкиот железнички сообраќај, со исклучок на возовите за транспорт на мигрантите.
– Бојкотот или штрајкот, како и да го нарекуваат, е нелегитимен затоа што не е најавен согласно законските обврски затоа што не смееме да ја загрозиме состојбата и безбедноста на сообраќајот, рече Костовски.
Според него, ќе има големи финансиски последици од прекинот на сообраќајот и во патничкиот и во товарниот транспорт и нема да се реализираат очекуваните приходи.
Костовски тврди дека со синдикатите е постигнат договор за нормално сообраќање на возовите за транспорт на мигрантите со оглед на специфичноста на проблематиката и безбедносниот момент. Од вчера напладне сообраќале пет воза за превоз на мигранти, а уште толку ќе бидат опслужени од попладне, вели директорот на МЖ Транспорт.
Од Независниот синдикат на машинскиот персонал на Македонија (НСМПМ), каде, според претседателот Душко Чакаларовски, членуваат 60 до над 100 машиновозачи во Железницата, истакнуваат дека нема да почнат со работа без целосно исплатена плата за јули и на придонеси за здравствено осигурување. Инсистираат на средба со премиерот Никола Груевски, пред кого, како што велат, сакаат да ги претстават вистинските состојби.
– Бараме како и сите во државата да добиваме цела плата. Сметките за плаќање ни доаѓаат во целост, а не на двапати. Кога ќе се исплати платата за јули тогаш ќе почнеме со работа. Бараме до 25 овој месец да ни биде исплатена платата за август, а во спротивно повторно на 26 ќе се прекине со работа, изјави претседателот на НСМПМ Душко Чакаровски, негирајќи дека неговото членство прифатило да ги управува возовите за мигрантите.
Од НСМПМ тврдат и дека не се почитува Колективниот договор, што, според директорот Костовски, не е точно, а тој Синдикат не е мнозински, ниту пак учествувал во договарање и потпишување на договорот.