Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Љубинко Друловиќ пред утрешниот квалификациски дуел за ЕУРО 2016 против Шпанија очекува неговите избраници да го надминат разочарувањето од пораз со Луксембург и да докажат дека можат да одиграат многу подобро.
– На гости ни доаѓа една од најдобрите европски и светски репрезентации. Сигурно дека Шпанија е голем фаворит. Имаат фантастичен состав со многу квалитетни фудбалери. Од друга страна, ние веруваме дека можеме да се вратиме на најдобар можен начин и ќе сториме се да бидеме вистински противник и да се обидеме ако е можно да направиме позитивен резултат, а тоа е бод или победа, рече македонскиот селектор на денешната прес-конференција.
Според него, ново повиканите четворица фудбалери од младата селекција имаат потенцијал да заиграат за А тимот.
-Со своето однесување, играта и квалитетот повиканите од У-21 селекцијата заслужија да бидат дел од А репрезентацијата. Тие се иднината на македонскиот фудбал и на нив најсериозно се смета, а постојат шанси некој од нив да се најде во почетниот состав.
Осврнувајќи се на поразот од Луксембург, Друловиќ кажа дека постои разочарување меѓу сите во репрезентацијата.
– Загубениот дуел сите не погоди, но треба да собереме сили и да се претставиме во добро светло со Шпанија. Разговаравме по враќањето од Луксембург со фудбалерите кои се свесни за целата ситуација и мора да дадат максимум за да ја оправдаме довербата на јавноста. Мора да се оддолжиме со добра игра, а јавноста ќе знае тоа да го цени.
Натпреварот Македонија – Шпанија се игра утревечер од 20 часот и 45 минути на Националната Арена „Филип Втори“ во Скопје.