Портпаролот на либискиот Црвен крст, Мухамед ал-Мисрати изјави денеска дека досега најмалку 76 безживотни тела се извадени од морето, а 198 луѓе се спасени по вчерашното потонувањето на бродот во близина на Либија.
– Досега извлековме од морето 76 безживотни тела, а 198 лица се спасени, истакна Ал-Мисрати.
Крајбрежната стража првично соопшти дека во бродоломот кај пристаништето Зувара загинале 30 луѓе.
Претходно денеска, британски медиуми објавија дека околу 200 луѓе се спасени од еден брод со главно африкански мигранти, а неколку стотици и понатаму се водат како исчезнати по бродоломот во Средоземно Море во близина на Зувара.
Воен претставник од Зувара истакнал дека на бродот се наоѓале околу 400 луѓе, од кои голем број во моментот на несреќата биле блокирани во долниот дел на пловниот објект.
Телевизиската мрежа Би-Би-Си, пак, известувајќи за спасувачката операција наведува дека во близина на Зувара потонале два брода, и дека во едниот имало околу 50, а во другиот, кој потонал подоцна, се наоѓале околу 400 патници.