Доцна попладнево уште една група мигранти насилно влезе на македонска територија, по што полицијата не се ни обиде да ги спречи. По ова следуваше слободно влегување преку границата, со што планот на владата за блокади на мигрантите и нивно контролирано влегување по се изгледа пропадна по само два дена. Речиси никој не остана во меѓуграничната зона-сите пристигнаа на станицата во Гевгелија.
Мигрантите тврдат дека повеќе не им се бараат ниту документи. Очигледно, се спроведува друг план , како оној на Грција и Србија-мигрантите што побрзо да влезат и што побрзо да заминат од земјава. Но таков брз трансфер засега не беше возможен во Македонија со едниот воз со кој се правеше оди-дојди до Србија за неколку часа.
Грција мигрантите ги превезува организирано со автобуси до македонската граница цело време, а од овде само по 200 до 300 мигранти можеа да заминат кон Србија, но со чекање од по неколку часа. По долг период, и овде некој се досети дека мигрантите може да се превезуваат и со автобуси. Вечерва тргнаа пет автобуси кон Србија, со 300 мигранти.
Стотици мигранти се на железничката станица во Гевгелија кои се легнати и седнати по целата должина на железничката станица и во нејзина близина. Се перат и се сушат алишта, мигрантите се замиваат пред долгиот пат што ги очекува.