По серијата слаби резултати на стартот од новата сезона англискиот шампион Челзи е подготвен за ново засилување. Според шпанска „Марка“ Педро во вторник навечер ги договорил условите со Челзи за премин во лондонскиот клуб за сума од околу 30 милиони евра.
28-годишниот играч на Барселона долго време беше поврзуван со трансфер во Манчестер Јунајтед, но „црвените ѓаволи“ имаа понудено 25 милиони евра.
Педро дресот на Барселона го носеше од 2008 година и на 318 натпревари постигна 98 голови, притоа освои пет титули шампион на Шпанија и три пати беше европски првак. Супер купот на Шпанија го освои четирипати, а Купот на Шпанија три, исто колку што има и титули од Светско клупско првенство.
За Шпанија, Педро одиграл 51 натпревар и постигнал 16 голови.
Екипата на Челзи се очекува до крајот на преодниот рок да купи уште играчи, а следна цел би требало да биде играчот од одбраната на Евертон Џон Стоунс.