Околу 400 деца се убиени и над 600 се повредени од почетокот на вооружениот конфликт во Јемен, соопшти УНИЦЕФ.
Во просек умираат осум деца на ден, од почетокот на конфликтот во март годинава. – Децата го носат товарот на жестокиот вооружен конфликт, што не дава знаци дека може да биде брзо решен, се наведува во соопштение на агенцијата на ОН.
– Овој конфликт е голема трагедија за јеменските деца, кои умираат од бомби и куршуми, а тие што преживуваат се под закана од болести и недостиг на храна, наведува во извештајот УНИЦЕФ.
Според агенцијата на ОН 398 деца се убиени, 377 се врбувани за борци, а 1,3 милиони се принудени да ги напуштат своите домови.
УНИЦЕФ наведува дека 10 милиони деца, речиси половина од населението на Јемен имаат потреба од итна хуманитарна помош.
Саудиска Арабија пред еден месец објави дека целосно ќе ги финансира побараните од ОН 274 милиони долари итна помош за Јемен, но според портпарол на УНИЦЕФ Раџат Мадхок агенцијата не добила никакви пари по таа линија.