Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ја прифати поканата на иранскиот министер за надворешни работи Мохамед Џавад Зариф да го посети Техеран, јави ТАСС.
На заедничката прес-конференција во Москва Зариф нагласи дека Лавров одиграл мошне позитивна и важна улога во постигнувањето на спогодбата за иранската нуклеарна програма.
Двајцата дипломати нагласија дека Русија и Иран се соочени со заеднички закани и предизвици и изразија увереност дека соработката и дијалогот меѓу двете држави ќе се продлабочат.
Зариф нагласи дека Русија е главен партнер на Иран во нуклеарната сфера и изрази надеж дека двете страни ќе продолжат да соработуваат во областа на користење на нуклеарната енергија за мирни цели, како што е предвидено во спогодбата од Виена за иранската нуклеарна програма.
Лавров и Зариф на прес-конференцијата изјавија дека двете држави имаат заеднички став за Сирија.
– Сиријците треба сами да одлучат за својата судбина и иднина, а странските држави треба да го олеснат тој процес, рече Зариф.
И Зариф и Лавров предупредија дека не треба да се прават обиди однадвор да се диктира решението на сириската граѓанска војна.
Двајцата министри изјавија дека Русија и Иран се договориле за координирање на напорите во борбата против Исламска држава.