И годинава продолжува проектот за бесплатни учебници, но сега, учебниците постари од пет години ќе се заменат со нови, освен оние по математика и природни науки за седмо, осмо и деветто одделение и за ова ќе бидат инвестирани вкупно седум милиони евра, информира денеска премиерот Никола Груевски.
Проектот, нагласи, се спроведува веќе седма година и е значајно олеснување и голема помош за над 200.000 родители.
– Оваа година ќе извршиме замена на старите со нови учебници. За таа цел ќе бидат испечатени нови учебници од прво до деветто одделение во основното образование и од прва до четврта година за средно образование. Во тој дел исклучок се само учебниците по математика и природни науки во седмо, осмо и деветто одделение кои согласно Акцискиот план за воведување на Кембриџ образовниот систем ќе бидат воведени во септември 2016 година, нагласи премиерот.
Тој посочи дека лани биле заменети учебниците по Кембриџ системот за математика и природни науки за прво, второ и трето одделение, годинава ќе бидат заменети за четврто, петто и шесто одделение, а догодина за седмо, осмо и деветто. Поради тоа, како што кажа, нелогично е годинава да се печатат нови учебници по математика и природни науки по старата наставна програма и оти тоа ќе се направи догодина.
Најави дека нови учебници по Кембриџ системот ќе има и за средно образование, а како што кажа ќе има можност и други предмети да се учат по Кембриџ системот.