Како и зошто факултетот стана ново средно училиште?

Од:

Јутарњи лист – Загреб

Пред 40 години само 3,6 отсто жители имале факултетско образование. Денес 97 отсто од децата завршуваат средно училиште, а девет од 10 од нив се запишуваат на факултет.

Најважно е да завршиш факултет. Тогаш си сигурен дека ќе добиеш работа и тоа добра и пристојно платена работа, која на тебе и твоето семејство ќе овозможи полесна егзистенција. Тоа беше мантра на родителите на родените кон средината на минатиот век, кои правеле се и давале се од себе детето да им дипломира на факултет.

Нивните пак родители пред 20 години давале се од себе децата да им завршат средно училиште, тоа било гаранција за добивање на работа и обезбедување на егзистенција без вршење на најтешки физички работи.

Меѓутоа денес, средното училиште со исклучок на некои училишта кои со добра пракса исфрлат добри мајстори, ни факултетите не се гаранција за работа ни за лесна егзистенција. Факултетот стана само услов кој се повеќе се подразбира за добивање на работа.

На берзата на трудот

За генерациите кои матурираа кон крајот на 60-те и почетокот на 70-те години, а за родените во 50-те години од минатиот век, само половината од родителите успеале на децата да им обезбедат средна стручна подготовка.

Според податоците на Сојузниот извештај за матуранти на Југославија 1918-1988, кој во 1989 го издаде Сојузниот завод за статистика, во Хрватска во 1973 година средно училиште завршиле нешто помалку од 40.000 млади. Значи, едвај секој втор од генерацијата: во периодот од 1950 до 1960 година, во кој се родени тие што матурирале во 1973 година, просечно годишно се раѓале околу 87.000 деца.

Само секој втор завршувал средно училиште, а три петини од нив посетувале училишта за квалификувани работници и останати стручни кадри.

Тие кои завршувале средно училиште биле сигурни. Тие кои во тоа време и посебно пред него завршувале факултет, биле господа. Тие години, според Пописот на населението, само 3,6 отсто жители постари од 15 години имале високо образование, пет отсто мажи и 2,3 отсто жени. Поради тоа, тие што матурирале во 70-те кога и самите станале родители, ја повторувале изменетата мантра од своите родители: „најважно е да завршиш факултет“.

И многу од нив биле крајно успешни во тоа децата да им станат академски граѓани. А потоа се се промени.

– Денес факултетот претставува она што во последниот квартал на минатиот век претставувало средното училиште, вели др. Маја Веховец од Економскиот факултет во Загреб.

Факултетот повеќе не гарантира сигурно работно место – сведочат илјадници млади академски граѓани на берзата на трудот. Завршениот факултет во ЕУ станува услов да можат да се вршат голем број на занимања. Денес средно училиште во Хрватска завршуваат речиси сите. Поточно, сите кои завршуваат основно училиште се запишуваат во средно, а го завршуваат 97 отсто ученици. Во Европската унија, Хрватска има најмалку деца кои излегуваат од образовниот систем во текот на средното училиште, т.е. не успеваат да го завршат.

Три четвртини деца завршуваат четиригодишно средно училиште, а над 90 отсто од нив кои завршуваат, се запишуваат на факултет! Во текот на 2013 година, според податоците на Државниот завод за статистика, прва година на факултет запишале нешто над 31.000 млади кои истата година го завршиле претходниот степен на школување. Таа 2013 година, четрвта година средно училиште успешно завршиле нешто помалку од 34.000 млади.

Ако земеме дека бруцошите од 2013 година се родени во 1995 година, кога во Хрватска се родени нешто над 50.000 деца, јасно е дека две третини од целата генерација се запишале на факултет. Во секој случај, студентите не се повеќе дел од ексклузивното, елитно друштво, кое до неодамна било наменето само за ретки лица.

Пред самата Втора светска војна, во 1939 година, во цела Хрватска биле нешто над 7.000 студенти, а тие години дипломирале нешто помалку од 900. Лани во Хрватска студирале околу 162.000 млади, а дипломирале околу 34.000.

– Неодамна слушнав податок дека во период од 10 години двојно се зголемило целокупното знаење на човештвото. За таков ист скок до 17-от век требале 17 века. Се менува светот, се менува знаењето, се менуваат потребите на пазарот на трудот, вели др. Јосип Бурушиќ од Институтот за општествени науки „Иво Пилар“.

Со завршеното четиригодишно средно училиште, кои гарантираа добра работа на генерациите родени кон средината на минатиот век, денес речиси е невозможно да се најде работно место, тие на пазарот на трудот практично ја изгубија смислата.

– За дејности кои порано ги работеле лица со завршено средно училиште, на пример гимназија или економско училиште, во банките или маркетиншката индустрија, денес се бараат лица со завршен факултет, најчесто со петгодишен факултет, вели др. Веховец.

И наставниците во поиниските одделенија во основните училишта, порано имале завршено средно училиште: тоа ниво на образование било доволно за тоа занимање, за кое денес се завршуваат петгодишни студии.

Мислав Балковиќ претседател на ХУП, Здружението на работодавци во образованието и декан на високата школа Алгебра, објаснува дека со развојот на технологијата се зголемила комплексноста на многу постоечки работни места т.е. производи и услуги кои стопанството, пред се во ЕУ ги произведува.

– Истовремено, добар дел од работните места за кои било потребно пониско ниво на образование денес или заминале во помалку развиените земји, како добар дел од текстилната индустрија или тие работи денес ги вршат машини, како дел од работите во автомобилската индустрија, вели тој.

Огромниот раст на високо образованите во развиените европски држави почна порано и го зафати поголемиот дел од жителите отколку во Хрватска. Денес во четвртина држави од западна Европа, како Ирска, Франција или Швајцарија, над 40 отсто од вкупното работноспособно население постаро од 25 години имаат завршено факултет. Во Хрватска тој удел двојно е помал, околу 22 отсто, додека просекот на ЕУ е 30 отсто.

Идна работна сила

Меѓутоа, најдобра слика за индината и идната работна сила дава бројот на студенти, а потоа и образовната структура на најмладите во светот на трудот: во популацијата од 25 до 35 години, третина во Хрватска веќе имаат завршено факултет, а во ЕУ во некои држави тој процент надмина 50 отсто. Со други зборови, на Кипар, во Летонија или Луксембург има повеќе млади од 25 до 35 години со завршен факултет од тие кои не го завршиле. Во наредните генерации може да се очекува дека тој процент дополнително ќе расте, сигурно нема да паѓа.

– Европската унија е еден од најбогатите делови на светот со многу висок животен стандард. За да се задржи и дополнително да се подобри таквиот стандард, вработените во ЕУ стопанствата мора да бидат конкурентни на глобалниот пазар, а тоа не можат да го постигнат со ниска цена на трудот или ниски влезни цени на репроматеријалите и енергентите. Едно логично решение е да се произведуваат производи и услуги со ДДВ и висока комплексност каква што не можат да ја произведуваат конкурентите со ефтина работна сила и низок стандард. Сите повисоки нивоа на образование на населението се наметнаа како едно долгорочно одржливо решение, а високото образование одигра и денес се уште игра значајна улога на патот кон таа цел. Ова го следат и прокламираните политички цели како таа за 40 отсто високо образовани во популација од 30 до 34 години до 2020 година од стратегијата на ЕУ, вели Балковиќ.

Судејќи според статистичките показатели, во Хрватска сериозна експанзија се случи во последните 15 години. Во периодот од 20 години на крајот на минатиот век, од 1970 до 1990 година, вкупниот број на студенти во Хрватска се зголемил за 10.000, од 60.000 на 70.000. До 2000 година пораснал на 100.000, а од 2000 до 2014 година се зголемил за над 60 отсто, од 100.000 на 161.000. Бројот на тие кои дипломираат се зголемил 2,5 пати, од 13.500 на речиси 34.000. Во однос на периодот од пред 50 години, тој број е десет пати поголем.

Стапка на откажување

Поради тоа во западниот свет прашањето на работодавците повеќе не е дали лицето завршило факултет, туку кој факултет го има завршено. Името на факултетот гарантира одредени компетенции и вештини.

– За жал, во Хрватска состојбата не е таква. Со исклучок на некои приватни високообразовни институции, нашите факултети не го мерат вработување на својот кадар, ниту вредноста на компетенциите кои им ги даваат, вели др. Бурушиќ.

Сите кои се запишуваат на факултет секако не го завршуваат, иако и самото искуство од студирањето и знаењето кое ќе го стекнат и недипломираните студенти, наспроти недостигот на формалната потврда, имаат одредена предност пред тие кои завршиле средно образование и не се запишале на факултет.

– Според истражувањето на Европската комисија „Монитор за образование и обука 2014“, Хрватска е една од ЕУ државите со најголема стапка на откажување од високото образование, која се проценува на над 40 отсто од запишаните студенти, а година на студии во јавното финансирано високо образование чини од 45.000 до 50.000 куни, вели Балковиќ.

Интересно е дека и во Хрватска и во Европа на факултетите повеќе се запишуваат и завршуваат жени. Во текот на 60-те години од минатиот век, девојките на факултет биле нешто повеќе од третина запишани во средните училишта и помалку од третина на факултетите. По 20 години нивниот број се изедначил со бројот на момчињата, а во 90-те па наваму и во вкупниот број на студенти и меѓу тие кои дипломираат, жените значително преовладувале: на факултетите денес девојки има 58 отсто, а меѓу тие кои дипломирале лани 60 отсто.

Во популацијата од 25 до 34 години во Хрватска дури 38 отсто жени завршиле факултет, додека ист степен за завршено образование имаат само 26 отсто мажи. Просечниот однос во ЕУ е сличен: диплома имаат 42 отсто млади жени и 32 отсто мажи. Најизедначена образовна структура на најмладата работна сила во развиените европски земји има Германија со 29 отсто наспроти 28 отсто, додека Швајцарија е единствена земја во која има повеќе дипломирани мажи од жени (46 наспроти 45 отсто). Најголема обратна разлика внатре во ЕУ има Летонија, каде факултет завршиле 51 отсто жени и само 27 отсто мажи.

– Единствено државите со недемократски режими моментно немаат таква слика на високото образование, во сите останати девојките многу почесто се запишуваат и завршуваат факултет. Едно од објаснувањата е дека училиштата, т.е. образовните системи, денес се многу поприлагодени на девојките отколку на машките: нашите истражувања покажаа дека во сите предмети, девојките во хрватските училишта се подобри од машките. Наставата е замислена така што девојките полесно ја совладуваат и постигнуваат подобри успеси, кои се склони на помирна работа, следење и не бараат толку активности како машките, вели др. Бурушиќ.

Дел од тоа лежи и во објаснувањето за речиси драматичната состојба која произлегува од изборот на факултетот кој го избираат младите: во цела Европа преовладуваат општествено-хуманитарните насоки, додека европскиот пазар на трудот има голема потреба од инженери.

– Дури и кога се добри во математика и физика, девојките поретко бираат инженерски насоки. Машките, кои пак ги сакаат инжрнерските насоки, се плашат да се запишат на нив бидејќи гледаат дека се полоши од девојките во клучните предмети и се плашат дека нема да успеат. вели др. Бурушиќ.

Диплома без мака

Состојбата во Хрватска по ова прашање, додава Балковиќ, добро ја отсликува анкетата која веќе трета година по ред ја спроведува порталот srednja.hr. Едно од прашањата во анкетата која ја пополнуваат матурантите е како ги избираат студиите.

– Одговорот дека само 56 отсто од нив размислуваат за вработувањето по студиите како важен критериум за избор, верувам дека за многумина е очекуван. Интересно е и тоа дека кариерата во подрачјето на науката, технологијата, инженерството и математиката, многумина ја избегнуваат иако таа денес е одличен пат за вработување и изградба на успешна кариера. Имено, дури 50 отсто матуранти сметаат дека тоа се тешки студии, а младите сакаат диплома без голема мака. Не е неприродно да се сака диплома без мака, проблем е што тоа често е желба за диплома без работа, залагање и на крај без знаење. Студирањето кое доведува до таква диплома одзема неповратни години од животот, а не дава подлога за развој на кариерата и личната благосостојба. вели Балковиќ.

Освен изборот на факултетот, друго прашање е, продолжува тој, прашањето за знаењето кое младите го стекнуваат и конкурентноста на хрватскиот високо образовен кадар на пазарот на ЕУ и на глобалниот пазар.

– Кон крајот на 2013 година ОЕЦД го изненади светот објавувајќи резултати од истражувањето за применето знаење и вештини на возрасните од 16 до 65 години. Според тоа истражување, најслаби струки и вештини од 24-те вклучени земји имаат граѓаните на Шпанија и Италија, земји со висока стапка на невработеност на младите (Хрватска не учествуваше во ова истражување). Она што мислам дека може да шокира е дел од резултатите на тоа истражување кое покажува дека нивото на применетото знаење на возрасните кои завршиле само средно образование во Јапонија е нешто повисоко од тие кои го имаат лица кои завршиле високо образование во Италија. Тоа покажува дека масовноста на високото образование не мора нужно да биде добра за пазарот на трудот т.е. за поединец кој има диплома и зад која не стои знаење, вели Балковиќ.

Би можело да ве интересира

Јаневска: Се разговара со синдикатот за повисоки плати на наставниците

Раст на платите во јавната администрација и образованието ќе има следната година

Независниот синдикат порачува: Нека се скрати на превоз на пратеници, на апанажи, на службени возила и ќе има пари и за просветните работници

Предраг Петровиќ

Јаневска: Нашите ученици каснат многу во однос на нивните врсници во Европа

(ВИДЕО) Баковска: Нема образовни асистенти во училиштата, гневни се родителите на децата

Наставниците нема да добијат зголемување на платите во септември, ќе има во март