Уште едно лошо искуство со ФЗОМ – Додека се мислеле, работодавецот му нашол пари за итна операција во странство

Од:

Случајот со Пеце Роговоски го натера Златко Лазаровски да го раскаже своето искуство со Фондот. Додека се мислеле дали да му одобрат средства за итна операција, парите ги набавил неговиот работодавач. Откако се завршила успешно операцијата, Фондот го известил дека му е одобрено барањето. Но откако Златко Лазаровски побарал да се рефундира половина сума која би била за помош на други корисници, Фондот го одбил со образложение дека ја завршил работата за што биле одобрени средствата.

Ја прочитав сторијата за Пеце Роговски и се наежив оти страшни работи се случуваат, ми падна жал за младото дете и за родителите.Човек да не се разболе камо ли да се повреди и да очекува помош од фондовите,оние фондови за кои цел живот ти одвојуваат сретсва од плата и кога ќе ти затреба нивна помош стануваат глуви за тебе и можна соработка за евентуална помош. Јас најдобро знам во што поминуваат овие душички,кај телесно и душевно се погодени,се маргинализирани од сите,а највеќе од државните институции па мораат сами да се снаоѓаат за своето здравје, вели Златко Лазаровски во допис за А1он.

Јас во 2012 година доживеав  страшна несреќа – експлозија која ми ја откина половина дланка,и дел од надлактицата со скршеници на уларнатаи радијалната коска на десната рака.Имав потреба од итна операција во странство,а времето ме газеше и требаше итно да се одлучи што ќе биде со мене,или ампутација или пресадување на коски и  делови од нога на рака,кое овде во нашата државичка не се правеше.Требаше итна реакција и како по обичај едвај добив мислење од мојата болницата каде се лекував во Скопје иако добив три исти мислења од други болници(се плашеа од реакции на повисоко ниво) дека овде не се вршат такви операции,и право отидов во ФЗОМ да побарам помош за странска интервенција. Ми побараа три понуди од други странски болници, па и тоа некако го овозможив,иако времето си течеше а состојбата со мојата рака беше се полоша,а дел од коската ми штрчеше од кожата околу еден сантиметар.

zlatkolazarovski (2)

Потоа следеше собир на докторската комисија при ФЗОМ и ја чекав нивната одлука дали ке ми одобрат средства или не. Немав мислење од мојата болница дека се работи за итен случај бидејќи како што реков тешко се даваа докторски мислања од таков карактер,па така уште еден месец си помина а јас среќа имав што не добив некоја инфекција,ме чуваше господ. Одлука од комисијата немаше,биле поделени и не донеле одлука ,ми рекоа дека ке видат во нарадното нивно заседавање.

Време на одлука немаше. Мојот работодавец брзо реагираше.Веднаш ми организира операција кај еден специјалист од турска болница кој јас на интернет го најдов.Човекот специјализирал трансплатации во Тајван и во Америка и за својата работа бараше 32000 евра.

Парите беа уплатени ама јас поставив услов-ќе дојдам доколку со мене дојде и наш доктор од скопската клиника,да види и да научи како тоа се прави,па на наши пациенти да може да им помогне оти верувајте што се на видов додека лежев во болница,со исечени екстремитети доаѓаа речиси секој ден. Најлесно е да се ампутира меѓутоа доколку се вградат делови од сопственото тело рака-нога можеби и ќе се доведе до ситуација да се спаси оштетениот дел. Најпрво турскиот доктор не сакаше да ја гледа некој неговата работа ама потоа дозволи. Целиот трошок на престојот од дванаесет дена на нашиот доктор беше платен од мојот спонзор,вклучувајќи ги и авио билетите. Операцијата траеше дванаесет ипол часа. Мојот доктор асистираше и виде се.

Ова му беше нешто највредно што го видел во својата докторска професија. Пресадување на прст од нога на рака и во Истамбул со 72 милионски народ не се врши секој ден. Не се знаеше дали ќе биде успешна операцијата,се зависеше како ќе го прифати телото новиот палец на раката кој беше земен од вториот прст од десната нога. Турскиот доктор беше пресреќен дури и ме замоли да дадам интервјуа за нивните телевизии и весници. Во Истанбул останав 30 дена и бев многу револтиран од нашите институции.

zlatkolazarovski (1)

Во таква состојба му пишав писмо на г-нот Ј. Грповски кој во тоа време ја менуваше г-ѓа Змејкова.Писмото ви го праќам во целост.

ПОЧИТУВАН ГОСПОДИН ГРПОВСКИ

Еве убаво јулско утро, поглед кон инфраструктурата и знаменитостите на Истанбул,а одовде на 10 км се гледа и босфорот,симболот на градот,спојот на културите на двата континента.

Не г-не Грповски да не ве лаже почетокот на текстот јас не сум на одмор,туку ви го пишувам ова од Аџибадем од болницата во Маслак во Истанбул каде што сум сместен и каде што бев завчера опериран. Јас почитуван Грповски имав тешка повреда од експлозија ,ми беше скршена подлактицата и пола шака ми фалеше. Овдека на клиниката за пластична хирургија и реконструкција  докторите направија се што можеше да се направи меѓутоа за нешто повеќе мораше да се интервенира во странство,т.е трансплатација на прст од нога на рака со тетиви крвни садови и т.н. Бидејки со показалецот немав никаква функција оти ми беше скратен сега да се надевам ќе добијам палец и ќе ми функционира раката.

Бидејќи комисијата во во вашата институција после две седници се уште се мисли дали да ми одобри сретства за лекување или не,бидејќи биле поделени, г-не би го образложил ова малце пошироко. Јас сум осигуреник на фондот,и од плата ми одбиват добар дел на име на ФЗОМ и без разлика како се случила несреќата фондот е надлежен за моето лекување.

Што се однесува до спонзорот му благодарам што најде средства да ги покрие трошоците од 32500 е плус претходните 2000 за преглед плус патни трошоци за мене и за докторот. Ех го спомнав докторот,-др.Артан Дика мојот доктор што ме оперираше во Скопје . Во моментот сум со него во Аџибадем. Јас му ги покривам сите трошоци. Јас инсистирав и тој да дојде а и тој сакаше од две причини. Прво ќе му објасни на др.Шукру Јазар што е сработено,а второ тој да асистира на операцијата и да види како се трансплатира прст од нога на рака. Операцијата беше тешка и долга.Траеше 12 ч./09-21/Ова што доктор Дика го купи од др.Шукру кој специјализирал во Америка и Тајван вреди многу повеќе за фондот и за Македонија г-не Грповски.Тој ќе бара да му се купат микроскоп и др ситни инструменти,млад е и амбициозен,воодушевен е од она што го виде и ќе биде првиот што ќе трансплатира делови од нога на рака,а со тоа и заштеда на ФЗОМ.

Ќе Ве прашам Вас и комисијата при ФЗОМ дали јас и спонзорот бараме превише? Овакви операции се ретки и за Турција со над 75 милиони жители и да се види оваква операција е реткост. Инаку после операцијата имав интервју со медиумите ми беше дадено големо значење мене и на докторот,а меѓу другите прашања беше и од каде најдовте пари за оваква операција,им кажав дека спонзорот и  мојот фонд за здравство заедно ги платиле. Доколку фондот ми рефундира 50% или 16000 е јас овие средства би ги пренасочил кон лекување на другите три прста за кои постои повторно операции.

Се надевам дека ќе имате разбирање и по трет пат или трета среќа ќе го решите позитивно мојот случај. Поздрав од Аџибадем Златко Лазаровски

Не знам ама после ова писмо добив експресна одлука дека лекарскиот тим на ФЗОМ секако позитивна и кога се вратив бев да си ги побарам средствата оти требаше уште една операција на показалецот и др.полесни зафти. За жал тука наидов повторно на бариера. Од ФЗОМ ми кажаа дека случајот е завршен дека сум направил тоа што било потребно и дека тие сега нема потреба да ми исплатат средства на мене или спонзорот,без оглед на тоа што предметот е позитивно решен. Да не беше тој спонзор јас сега ќе немав рака и уште ќе чекав и гаев надеж во нашите институции. Дали своите права ќе морам да ги добијам по правен пат,бидејќи овака веќе не оди.

Ете тоа сакав јавно да го споделам со вас и да се надеваме дека еден ден ќе имаме подобра организација и дека вакви работи повеќе нема да ни се случуваат.

Златко Лазаровски

Би можело да ве интересира

Андоновски: Неделава ќе ја почнеме иницијативата за законските измени на ФЗОР случајот со Леонид не е единствен

Случајот со Леонид ги откри сите слабости на Фондот: Се кратат пари за лекување и за операции на срце во приватните клиники

A1on

Се прекинува штрајкот во ФЗОМ – платите исти до мај

Да не се лаже дека Фондот за здравство нема пари, тоа е институција со најголем буџет порачуваат синдикалците

Катерина Ѓуровски

Меџити: ФЗОМ побара 2,9 милијарди денари за нови лекови на позитивна листа за следната година

За Ковачевски, директорката на ФЗО била добар избор затоа што решила хакерски напад за само 14 дена

A1on