Се одложи првото рочиште за случајот „Пуч“ затоа што не беа исполнети законските услови. Судот ја одложи јавната расправа за седми септември, откако одбраната побара рочиштето да се одржи некој датум по петти септември,
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, не се појави, како што и претходно изјави дека на овој начин ќе изрази непочитување кон Судот.
Претседателот на судскиот совет констатираше дека Заев не се јавил во просториите во Основниот суд во Струмица и на тој начин не ја испочитувал мерката за претпазливост.
Судијата побара од одбраната образложение зошто четвртообвинетиот во случајот „Пуч“ не е присутен, на што, адвокатот Филип Медарски посочи на јавните изјави на Заев.
– Не работам со јавно дадени изјави туку со факти, рече судијата.
Откако одбраната побара рочиштето да биде одложено на подолг рок, поради постигнатиот политички договор, судијата рече:
– Дали се разбираме? Не работам по политички договор, ниту по ништо друго, туку по Закон. Има луѓе во притвор, морам да дадам разумен рок.
Медарски возврати дека не може судот да се изолира од тоа што се случува, но судијата инсистираше рочиштето да се одржи поскоро.
Таа се обрати кон обвинетите во притвор Зоран Верушевски и Ѓорѓи Лазаревски, прашувајќи ги дали се против судењето да се одржи во септември.
– Вие сте двајцата во притвор, сме биле како судии во затворот и сме виделе какви се условите. Дали имате забелешка рочиштето да се одржи по петти септември, праша таа, на што обвинетите одговорија дека немаат против.
Пред Судот беа насобрани поддржувачи на Заев, кои имаа раширено платно со неговиот лик.
Маја Васева