Иванов очекува Македонија да добие датум за преговори во декември

Од:

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов очекува на Самитот на ЕУ во декември европските лидери да одредат датум за почеток на преговорите за членство на Македонија во Унијата.

– Ние четири години располагаме со оправдани аргументи за почеток на преговори и четири години чекаме шанса за нешто кое сами го заслуживме.  Се надевам дека европските лидери  годинава конечно ќе ги уважат овие четири последователни препораки и ќе поддржат просперитет и развој на нашата држава, наместо да се солидаризираат со една земја членка која ни прави проблеми нам и на целиот регион, вели македонскиот претседател во интервју за неделниот магазин Граѓански.

– Убеден сум дека никому не е во интерес да се одржуваат наметнати пречки во процес кој всушност создава заеднички придобивки, вели претседателот Иванов кој додава дека со оглед на досегашното искуство со нашиот јужен сосед, не би сакал да прејудицира каков би бил исходот.

Во врска со придавката „македонски“ која годинава се врати во извештајот на ЕК, Иванов посочува дека не е апсолутно задоволен, но, подвлекува, дека не може да се негира дека е постигнат напредок.

– Европската комисија покажа доблест да ја поправи грешката и да ја спроведе практиката на Обединетите нации, макар што тоа го стори на прилично соломонски начин. За мене не е оправдана ваквата селективна употреба, но е разбирлива, со оглед на фактот дека до последен момент Комисијата беше под силен притисок, во извештајот воопшто да не биде спомената придавката „македонски“. Како што и претходно кажав,  секогаш сум реагирал и ќе продолжам да реагирам кога се посегнува по кој било дел од нашиот идентитет, затоа што идентитетот спаѓа во оние базични категории,  за кои не може да правите компромис со никого, рече Иванов.

– На јужниот сосед ќе му одговориме и ќе ги изнесеме нашите видувања и ставови согласно државните интереси. Ќе повторам дека Македонија и Грција имаат склучено Времена спогодба која треба безусловно да се почитува. Што значи,  за изнаоѓање на заемно прифатливо решение неопходно е Грција стриктно да се придржува до рамката во која се води процесот, до Времената спогодба и  до резолуциите 817 и 845. Тоа се предусловите да се дојде до решение.

– Нивниот предлог претставува комбинација од Времената спогодба, но и од нивните позиции во разговорите за името, со што се излегува од рамката во која се води процесот, што  се косат со меѓународно  превземените обврски, истакнува Иванов и додава дека сепак е добро што процесот по подолг застој на одреден начин е повторно во колосек,  а за самиот меморандум, тоа е прашање на усогласување и имаме што да кажеме на предложениот текст.

Би можело да ве интересира

Уставен суд заглавен, изборот на претседател е во ќор сокак

(ВИДЕО) Лога: Кога може Обама, може и Сиљановска Давкова по вторпат да даде заклетва

A1on

Ќе користи ли Пендаровски доживотна пензија? Што му следува по престанокот на функцијата на 12 мај

A1on

Инаугурацијата на Сиљановска Давкова в недела на пладне

A1on

Силјановска-Давкова: Има ли поголема промена од тоа што жена првпат ќе биде претседател

A1on

Првични резултати на ДИК: Гордана Силјановска Давкова – 61,98% , Стево Пендаровски – 30,48%

A1on