Групата „Стоп на полициската бруталност“, преку социјалните мрежи упати повик во вторник, на 5. јуни по 21:00 часот, да се запали свеќа на местото на злосторството како потсетување, дека мина една година од убиството на Мартин Нешкоски.
Во среда, на 6. јуни со почеток во 18:00 часот, од платото позади Мајка Тереза се оди на протестна прошетка по следнава маршрута: Рекорд – Полициска Станица Беко, ул. Македонија, ул. Мито Хаџивасилев Јасмин – МВР – бул. Кочо Рацин – Собрание на РМ – Плато Мајка Тереза.
„Со оваа протестна демонстрација, сакаме да потсетиме дека по немилиот настан на 06.06.2011 година, кога Мартин Нешкоски падна како жртва на бруталноста од страна на припадник на специјалните единици на МВР, низ улиците на Скопје заживеа јасна критичка свест која во Министерството за внатрешни работи лоцираше одговорност за долгогодишна репресија врз граѓаните на Република Македонија“, стои во повикот.
„По една година, веќе се помиривме со нечовечноста на чиновниците на репресивниот систем како Гордана Јанкуловска и Иво Котевски, кои продолжуваат со градењето на нивните професионални и политички кариери без трошка грижа на совест за нивниот обид да ја излажат јавноста, но никогаш нема да се помириме со постоењето на полициски единици кои се неотчетни кон граѓаните и кои се постојана закана за нашата лична безбедност.
– Стоиме на нашите барања за надворешна контрола над припадниците на МВР, за темелна реформа на специјалните единици и за хуманизација на професијата полицаец, преку ангажирање на полицајците во општествено корисна работа.И кога полицијата ќе биде на висина на својата задача, ние ќе бидеме тука, за секој случај. Никогаш повторно да не згазат по нашето лично достоинство, никогаш повеќе да не посегнат по нашиот психофизички интегритет.Ние ги плаќаме да не штитат, а не да не малтретираат. Поддржете не на браниците на демократијата и слободата“, бара групата „Стоп на полициската бруталност“.