Швајцарските власти во САД екстрадираа еден од седумината поранешни и актуелни функционери на ФИФА, кои во мај годинава беа уапсени под сомнение за корупција.
Министерството за правда на Швајцарија не го откри името на екстрадираниот, освен што се соопшти дека во придружба од тројца американски полицајци тој вчера бил префрлен во Њујорк.
Иако идентитетот на екстрадираниот не е откриен, медиумите наведуваат дека најверојатно станува збор за Џефри Веб од Кајманските Острови, кои покрена правна битка за да се спречи неговото префрлање во САД.
Тој е поранешен претседател на Фудбалската федерација на земјите од Централна и Северна Америка (Конкакаф). Веб е осомничен од американските власти за примање поткуп во вреднист од десетици милиони долари за продажба на маркетиншки права.
Засега не се знае каква ќе биде судбината на другите шестимина приведени и дали и тие ќе бидат екстрадирани, затоа што во Цирих е покрената правна постапка против нивното префрлање во САД.
Сите седумина беа уапсени од швајцарската полиција по налог на американското Министерство за правда на 27 мај, на само два дена пред одржувањето на Конгресот на ФИФА на кој се избираше претседател на Светската фудбалска организација, .
Налогот беше издаден по истрагата на американското ФБИ за корупцијата во „куќата на фудбалот“ во Цирох, откако еден поранешен американски фудбалски функционер, обвинет во САД за прикривање данок, прифатил да соработува со полицијата откривајќи детали за корупцијата во ФИФА.
Американските власти се вклучија во случајот откако беше откриено дека американските банки биле користени за „перење на парите“ добиени од поткуп и други корупциски договори.