„Фани Каранфилова-Пановска, која ја почна својата кариера во студентските организации, и досега има повеќе од 20 години искуство во граѓанскиот сектор, од денеска ја презема директорската функција во Фондацијата Отворено општество − Македонија (ФООМ), наследувајќи го Владимир Милчин, првиот извршен директор на Фондацијата.
„За мене беше привилегија да ја водам Фондацијата Отворено општество − Македонија во последниве 23 години“, изјави Милчин. „Македонија се соочуваше со многу предизвици во овој период, а јас сум горд што работев заедно со граѓанското општество за да ја направиме нашата земја подемократско, поправедно и порамноправно место за живот.“
Под лидерството на Милчин, Фондацијата Отворено општество − Македонија имаше значајна улога во поддршката за граѓанското општество во Македонија во клучните моменти од историјата на државата и во долгорочниот развој на отворено и демократско општество.
За време на Kосовската криза во 1999 година, Фондацијата обезбеди хуманитарна помош за косовските бегалци и ги поттикна другите донатори да го сторат истото. Коалицијата „Доста е“, предводена од Фондацијата, на која ѝ се приклучија повеќе од 100 граѓански организации, имаше важна улога во спречувањето ескалација на вооружениот конфликт од 2001 година во катастрофална граѓанска војна во Македонија.
Повеќе од 10 години, Фондацијата ги поддржува граѓанското општество во Македонија и неговата работа на реформската агенда за приближување кон Европската унија, што претставува значаен придонес за стекнувањето кандидатски статус на државата за членство во ЕУ и добивањето препорака за почеток на пристапните преговори.Оваа поддршка вклучува активности на ФООМ и доделување грантови за поддршка на реформите во областите слобода на медиумите, независност на судството, законодавство за човекови права, како и на процесот на децентрализација и реформи во јавната администрација.
Повеќе од 20 години, Фондацијата ги поддржува правата на Ромите во Македонија. Во тој период и во партнерство со локалните организации и меѓународните фактори, како што се УСАИД, Амбасадата на Кралството Холандија, Ромскиот образовен фонд и Детската фондација Песталоци, бројот на дипломирани ромски средношколци и студенти во земјата се удвои. Заложбата на Фондацијата за стипендирање на средношколците и здравствените медијатори сега е вградена во националните политики за Ромите во Македонија.
Милчин, чие заминување во пензија беше објавено минатата година, е добро познат бард на театарот и уметностите и планира да го насочи своето внимание на работата на ова поле.
„Ова е период на голема промена за Македонија“, коментира Каранфилова-Пановска, новата директорка на Фондацијата. „Однапред се радувам на продлабочувањето на напорите на Фондацијата за поддршка на граѓанското општество во Македонија. Ми претставува посебно задоволство што ќе имам можност да го предводам тимот на ФООМ во справувањето со сегашните и идните предизвици, како што е сега, на пример, потребата од поддршка на мигрантите кои бегаат од војната и прогонот во Сирија и Авганистан“, се вели во соопштението на Фондација Отворено општество – Македонија.