Тајланд, чие население е претежно со будистичка религија, а помал дел од жителите на југот на државата се муслимани, деновиве лансираше специјална мобилна апликација наменета за туристите-муслимани.
Мобилната аплкација им овозможува на муслиманите полесно да најдат хотели и други објекти во кои има простории за извршување на нивните молитви, шопинг центри во кои можат да купат „халал’’ продукти и ресторани во кои се служи храна што не е на список на забранетите јадења за припадниците на исламската религија.
Во Тајланд не кријат дека гледаат и комерцијален ефект од воведувањето на овој систем на информации. Државата, која по Сингапур е најголемата мета на туристи-муслимани во светот, по атмосферата на зголемена недоверба и нетолеранција кон муслиманите во повеќе европски и други држави, со овој потег смета дека ќе ја зголеми сопствената туристичка атрактивност.
Иако по воениот удар од мај минатата година, особено поради неколкумесечното воведување на полициски час, опадна бројот на туристите во Тајланд, оваа држава и натаму е најинтерсеното место за странски туристи во Азија.
Во почетокот апликациите за туристите-муслимани се промовирани на англиски и тај јазик, а по десетина дена ќе ги има на арапски јазик и Бахаса јазикот кој го говорат жителите на Индонезија, Малезија и дел од Филипините.
Тајланд само од директната туристичка потрошувачка остварува 10 отсто од својот БДП. За годинава Тајланд очекува посета на 29,5 милиони странски туристи, 19 отсто повеќе од лани. Најбројни ќе се туристите од соседните земји, меѓу кои е и Кина, а над три мииони ќе допатуваат од Европа, а два милиони од САД и Австралија.