Грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕиас изјави дека однесувањето на поранешниот министер, Антонио Милошоски, е манифестација на иредентизам мислејќи на знамето од Кутлеш кое Милошоски го развеа на Олимп според фотографиите објавени во септември минатата година.
Ова однесување, како што рече министерот, е причина зошто во Грција постои мислењето дека Македонија има иредентистички настроенија.
На денешната средба со македонскиот министер за надворешни работи, Коѕиас, одговарајќи на новинарско прашање, посочи овие епизоди ги оддалечуваат двете земји од соработка.
– Не верувам дека јас и мојот соговорник имаме иредентистички намери. Утринава еден наш пријател дипломат ми кажа дека во Египет постои град со името Александрија… Се гордееме затоа што сме собраќа… Секој има право на свој идентитет. Начинот на кој го употребува не треба да создава впечаток дека се работи за некаква злоупотреба. Еден човек кој го крева своето знаме на Олимп е тип на иредентизам, тоа е начин на изразување на иредентизам. Не е моја работа да давам коментари, новинарите можат да проценат што е она меѓу двете земји што ја отежнува соработката. Многумина во оваа држава веруваат дека некои луѓе во Грција не сакаат да постои оваа земја. Но јас ве уверувам дека сме благодарни што постои – рече грчкиот министер.
Тој порача дека двете општества треба да соработуваат обострано, додвајќи на крај:
– Ние сме против екстремен национализам – посочи тој.
По подолго време ова е прва посета на врвот на грачката дипломатија во Македонија. Министрите разговарале за приближување на земјите преку соработка во единаесет области, а особено било истакнато дека за решавање на круцијалните прашања е потребно прво да се создаде клима на разбирање и доверба.
Маја Васева