Претседателката на Малта Мари-Луиз Колеиро-Преца зборувајќи пред парламентарците од 47 земји членки на Советот на Европа, по повод одбележувањето на 50-годишнината од пристапувањето на Малта во Советот на Европа, повика на „сеопфатна и ефективна глобална политика за миграција“, која ќе се потпира на пристап втемелен врз човековите права, јави дописникот на МИА од Стразбур.
– Миграцијата е глобален феномен кој бара глобални решенија, рече таа. Во исто време, ние мора да одговориме на основните причини за миграција, во тесна соработка со земјите од каде тие потекнуваат и транзитираат, Медитеранот и Африка, додаде таа.
Таа изрази жалење дека меѓународната заедница била пасивна предолго наспроти криумчарењето на мигранти, и повика на создавање на меѓународната коалиција против шверцот на луѓе, со мандат од Обединетите нации, „да интервенира и да ги разбива на шверцерите кои профитираат од бедата на обесправените“.
Претседателката на Малта, смета дека помошта за доселениците не треба да се гледа како заеднички товар туку како споделување на можности кои ќе имаат позитивен ефект врз работна сила, која се намалува во Европа, потоа тоа ќе дозволи да одговориме за нашите грижи во однос на стабилноста и благосостојбата на нашиот пензиски систем. “Мигрантите можат да станат предност за нашата економија”, рече таа.
Таа, исто така го поздрави развојот на политиката на Советот на Европа кон соседните региони, главно во Северна Африка, Блискиот Исток и Централна Азија, надевајќи се дека оваа соработка не само што ќе им ги донесе овие земји вредностите на Советот на Европа, но, исто така, да “обезбеди поголема стабилност и безбедност, и во Европа и во нејзиното соседство“.