Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР по изврешните проверки утврдил дека акцијата на полицијата во кумановската Дива Населба била извршена според утврден план, дека преземените дејства се основани, оправдани и правилни, како и дека приведувањето на лицата во акцијата било согласно законските норми. Во случајот со бегството на еден од приведените Секторот констатирал непрофесионалност кај полициските службеници кои го чувале и најавено е покренување дисциплински постапки.
Во врска со спроведената полициска акција на 9 и 10 мај во кумановската Дива населба, Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР согласно законските надлежности извршил целосен увид и проверка по однос на основаноста, оправданоста и правилноста на употребата на огнено оружје и употребата на средство за прислиба, како и по однос на задржување лица во Полициска станица, вклучувајќи го и случајот на бегство на едно од лицата лишени од слобода.
– Притоа констатирано е дека акцијата е спроведена согласно детално изготвен план и анекси на планот, реализиран преку посебен штаб формиран за командување и координирање на акцијата на терен. Утврдено е дека на 9 мај околу 4:30 часот тимови од Одделот за посебни единици, заминале на терен со задача да влезат и да ги обезбедат претходно лоцираните објекти. Околу 5:10 часот, при приоѓање на објектите во “Дива населба“ во Куманово имало непосреден напад-дејствување кон полициските службеници со огнено оружје од различен калибар и минско-експлозивни средства од повеќе правци со што бил загрозен животот на полициските службеници. Бидејќи биле исполнети сите услови за употреба на средства за присилба согласно законската регулатива, а со цел одбивање на директен и непосреден напад со огнено оружје и минско-експлозивни средства врз полициските службеници, како и заради извлекување на ранети и загинати полициски службеници, по наредба на штабот било употребено огнено оружје, како и посебни видови на оружја, експлозивни средства и оклопни возила со кои располагаат единиците согласно формацијата, се вели во денешното соопштение од МВР.
Во него се додава дека по извршеното прегрупирање и прифаќање на тимовите од полициски службеници кои дополнително пристигнале од другите две локации и од полициската база, започнало совладување на просторот и објектите во кои била стационирана криминално-терористичката група која за цело време во континуитет дејствувала кон полициските сили. Од страна на припадниците на специјалните единици етапно, систематски биле совладувани позициите на криминално-тероростичката група се до нивно конечно неутрализирање на 10 мај 2015 година.
– Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарци врз основа на извршените проверки и разгледување на целокупната службена документација изготвена од полициските службеница и утврдената фактичка состојба констатира дека при преземените дејствија во акцијата употребата на средства за присилба-огнено оружје од страна на полициските службеници е основана, оправдана и правилна и е во согласност со одредбите од Законот за полиција, се посочува во соопштението.