Спасувачки екипи од Италија, Германија, Велика Британија и други европски земји спасиле речиси 6.000 имигранти од Средоземно Море за време на викендот, соопшти италијанската крајбрежна стража, пренесува ДПА.
Извршени се вкупно 30 операции, во кои во саботата се спасени 3.480, а во неделата 2.371 лице. Поголем дел од бегалците се задржани на 80 километри од либиското крајбрежје во акции, во кои учествувале над десет спасувачки бродови.
Сите 5.851 имигрант се очекува да бидат пренесени во Италија. Брод на британската морнарица, трговски брод и брод на Малта, исто така, учествувале во спасувачките операции, се наведува во соопштението на италијанската крајбрежна стража.
Во период од неколку часа, само во неделата имало десетина сигнали за опасност, изјави пред италијанската телевизија РАИ Њуз 24 портпарол на Високиот комесаријат на ОН за бегалци.