Каде се доказите дека осудениот Звонко Костовски ја кажува вистината во спогодбата?

Од:

На денешната јавна расправа во Кривичен суд пред Советот за оценување на обвинението за пуч, за кое се теретат пет лица, вклучувајќи го лидерот на опозицијата, Зоран Заев и поранешниот директор на УБК, Зоран Верушевски, одбраната во своето излагање ги поби сите точки на обвинението, а од таму и сите кривични дела за кои се теретат осомничените.

Адвокатот, Филип Медарски, рече дека нема доволно докази за обвиненијата кои се ставаат на товар, а особено се задржа на веќе осудениот Звонко Костовски, кој се спогоди со јавното обвинителство и кој доби казна затвор во траење од три години. Медарски побара оваа пресуда да биде изземена од предметот и да не се користи против другите осомничени затоа што, рече, не се познати мотивите за спогодувањето.

Медарски посочи дека недостасуваат докази кои би ги докажале противправните дејствија што ги извршувал Костовски.

– Во фактичката состојба на обвинението е опишано дека осудениот Звонко Костовски по барање на Зоран Верушевски во постоечкиот систем на следење на комуникации на МВР внесувал телефонски броеви на лица чиј точен број не е утврден. Овој факт на прислушување не е потврден од ниту еден од приложените докази. Овој осуден Звонко Костовски, немал фактичка можност да внесува во системот телефонски броеви и при тоа системот тоа веднаш да не го алармира и тоа да биде откриено – рече адвокатот.

Тој посочи дека обвинителството го одбило предлогот на одбраната за прибивање на вакви докази.

– Во тек на истрагата одбраната предложи да се прибави преглед на сите телефонски броеви кои осудениот Зоран Костовски ги внел во системот за следење на комуникации на МВР во период од 2010-2015 година, како и да прибави преглед на сите неовластено прибавени технички записи од системот во истиот период и кои согласно обвинението, осудениот Костовски понатаму ги предавал на Лазаревски. Ваквиот предлог на одбраната беше одбиен од страна на обвинителство со образложение дека се собрани доволно докази и податоци. При тоа овие прашања не можат да се сметаат за одговорени со прибавените докази – додаде Медарски.

Тој пред Советот за оценување на обвинителството ги постави следните прашања: Дали во системот на УБК останува траг од креирање на определена сметка за внес на одредени броеви? Дали Звонко Костовски креирал таква сметка? Дали системот алармирал доколку таква сметка биде неовластено формирана? Дали во системот останува траг од внесувањето на броеви?
Ова се релевантни прашања кои, тој рече, треба да бидат одговорени.

Медарски посочи дека обвинението не дава целосни информации во обвиненијата за прислушување, посочувајќи дека не е познато ниту колку лице биле прислушувани, ниту кои се тие лица.

– Таксативно се наведени неколку имиња без никакви докази дека токму тие лица биле неовластено прислушувани. Во кој точен период биле прислушувани? Кои се конкретните разговори? Обвинението за неовластено прислушување не може да егзистира и судот не може да постапува без во обвинението да се додадат овие податоци – рече тој.

Во самото обвинение за шпионажа недостасува прецизирање, рече Медарски, која е странската држава за која се вршела шпионажата.

– Не може да постои шпионажа без да се знае за која држава се вршело шпионирањето. Мора да биде конкретно прецизирано која држава требало да биде финален корисник на овие податоци. Ова претставува суштествен дел на обвинението. Без одговор на овие прашања обвинението не е подобно за судот да постапува по него. По аналогија тоа е како да се поднесе обвинение за убиство, а да не се прецизира кое е лицето кое е лишено од живот.

Податоците со кои се стекнал обвинетиот воопшто не се тајни за да се смета тоа за шпионажа, рече тој, туку се работи за јавно достапни документи до кои осомничениот може да дојде врз основа на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

За Медарски обвинението е неконзистентно, нелогично и контрадикторно. Обвинението, рече, е чиста фикција и нема доволно докази.

– Еден од елементите на кривичното дело шпионажа, за кое се терети Зоран Верушевски, е намерата тајни податоци или документи да бидат предадени на странска држава, организација или лице кое им служи. За постоење на вакви намери мора да има конкретни докази, воспоставена комуникација со тој субјект. Во случајов кон обвинението не е приложен доказ дека Зоран Верушевски осварил комуникација од овој тип.

Медарски посочи и дека Заев не може да биде обвинет за загрозување на уставниот поредок и безбедност затоа што нема доволно докази за тоа. Како што рече тој, барањето за промена на владиниот состав и предвремени избори не претставува закана упатена кон државни функционери, туку вообичаена политичка реторика.

– Дали може да постои закана доколку еден политичар му каже на друг дека за него ќе објави компромитирачки материјали? Дали доколку се набават докази за коруптивни дејствија на еден функционер, тогаш тоа набавување на докази навлегува во сферата на противправноста? Според обвинението одговорот на ова прашање е потврден – посочи.

Освен тоа, додаде Медарски, иако во обвинението стои дека Заев барал од премиерот, Никола Груевски, формирање на техничка влада и предвремени парламентарни избори, реално премиерот тоа не може да го овозможи затоа што Собранието одлучува за формирање на нова влада и за распишување на предвремени избори.

-Јасно е дека овие политички барања упатени од Зоран Заев не се упатени кон Никола Груевски како претседател на Владата, туку кон Никола Груевски како лидер на најголемата владејачка партија. Тие барања не се однесуваат на нешто што тој треба да го стори како вршител на неговата должност – премиер. Врв на апсурдот е што на средбите на Советот за безбедност беше повикан да учествува и осомничениот Зора Заев, лице осомничено за едно од најтешките кривични дела против државата учествува на средба на највисоко тело задолжено за заштита на уставниот поредок и безбедноста.

Медарски побара од евентуалната постапка да се изземат доказите кои се прибавени со примена на посебни истражни мерки затоа што, рече, во овој случај е прекршена законската процедура. Законот предвидува Врховен суд да издаде наредба за следење на комуникациите на осомничениот, но во овој случај Врховниот суд не издал таква наредба. Ако при примената на посебните истражни мерки, рече тој, не е постапено согласно законот, во тој случај врз добиените податоци не може да се заснова судската постапка.

Тој исто така побара пресудата за Звонко Костовски да се издвои од описот на предметот и рече дека не смее да се користи во постапката против другите осомничени.

– Фактичката состојба не е изведена од докази, туку врз основа на спогодба. Советот кој ќе постапува во предметната постапка не смее да ја земе оваа фактичка состојба како утврдена, туку сите факти да ги утврдува од доказите. Не се познати мотивите за спогодување и затоа не смее пресудата да влијае на позициите на останатите осомничени. Ваквата пресуда не смее да биде ценета како доказ затоа што би попречила објективно ценење на изведените докази – дополни.

Тој побара Советот да донесе решение со кое ќе го одбие обвинителниот акт како неосновен. Советот треба да ја донесе својата одлука за околу петнаесет дена.

Маја Васева

Би можело да ве интересира

Организаторите на пучот во Германија купувале оружје и во Хрватска

Горан Наумовски

Пучдемон бара од Општиот суд на ЕУ да му го врати европратеничкиот имунитет за да избегне екстрадицијата во Шпанија

Ана Ололовска

42 илјади евра ќе му плати државата на Верушевски зашто бил неосновано притворен

Васко Маглешов

(ВИДЕО) Судот со двојни аршини: За „Пуч“ дозволи, за 27 април обвинението се оценува без јавноста

Васко Маглешов

Верушевски за душевна болка бара 71 илјади евра од државата зашто бил неосновано уапсен и притворен

Васко Маглешов

ВИДЕО: Ако не чуле обвинителите досега, еве сега нека истражат кој нè местел во „Пуч“, повика Заев

Васко Маглешов