Не постои писмена одлука од судија во Врховен суд, ниту пак барање од Јавното обвинителство за да се преземат ПИ мерки кон сега обвинетите во „Пуч“.
Според законот, сега приложените не може да се третираат како такви и затоа судот не треба да ги земе предвид. Не постојат ниту фактички докази за која странска служба или држава биле давани материјалите, ниту пак има докази дека некој насила сакал да нанесе удар врз државните органи, истакнаа адвокатите на Зоран Верушевски и на Зоран Заев.
– Очигледно е дека во обвинителниот акт нема доказ за целосна постапка за ПИ мерки, а нема и наредба за такво нешто од Врховен суд. Дел од доказите кои се посочени во обвинението се јавно објавени од некои медиуми. Затоа бараме тие да бидат како доказ поништени – рече адвокатот на Верушевски, Филип Медарски.
Бранителот на Заев, Ване Андреев, истакна дека во изјавата на сега веќе осудениот Костовски во истиот случај, се вели дека тој не признава дека неовластено прислушувал, туку дека тие материјали тој ги копирал од системот на УБК, а кои веќе биле снимени.