Јосеф Сеп Блатер останува претседател на ФИФА откако неговиот противкандидат јорданскиот принц Али бин Ал- Хусеин се повлече по првиот круг гласање. Гласањето се одржуваше за време на 65-тиот Конгрес на ФИФА, а во првиот круг гласање Блатер доби 133 гласови, додека Али бин Ал-Хусеин 73 гласови.
Во првиот круг гласаа 209 членови, а важечки беа 206 ливчиња. Во пресрет на вториот круг гласање Ал-Хусеин се повлече од борбата за „прв човек“ на ФИФА.
– Ви благодарам на сите. Ова беше прекрасно патување. Посебно благодарам за оние што гласаа за мене и објавувам дека се повлекувам од трката, изјави Ал-Хусеин.
За Блатер ова ќе биде шести мандат, а тој како претседател на ФИФА дојде во 1998 година. Инаку, за време на Конгресот на ФИФА имаше и два инцидента, а пред одржувањето на Конгресот ФИФА ја „тресе“ корупциски скандал кога беа уапсени шест високи функционери на ФИФА.