Официјален Лондон побара денеска оставка од претседателот на ФИФА, Сеп Блатер, по вчерашното приведување на седумина поранешни и сегашни функционери на светската фудбалска федерација, сите осомничени за примање поткуп и за перење пари, околу добивањето организација на разни меѓународни натпреварувања.
Оставка од Блатер побара и британскиот премиер Дејвид Камерон кој во моментот се обидува да ги убеди своите европски партнери да се согласат со посебен статус на Британија во ЕУ.
Ова не е прв пат Камерон да бара од Блатер да ја напушти функцијата што ја има веќе четири мандати.Британскиот премиер јавно го повика претседателот на ФИФА после секое објавување „докази“ во лондонските медиуми за „корупцијата во врвот на светската фудбалска федерација“.
Британските весници први, го отворија ова прашање уште во 2011 година, откако во декември 2010 ФИФА одлучи домаќин на Светското првенство во 2018 година, за прв пат да биде Русија, а четири години подоцна во 2022, Мундијалот да се организира во Катар, мала земја во Персискиот Залив во која нема фудбалска традиција, но која е богата со нафта и гас.
За првенството во 2018 година, беа кандидирана и Англија и Англиската фудбалска асоцијација (ФА), чија понуда, објективно беше најсилна, затоа што таа е подготвена во секој момент да организира еден ваков голем фудбалски настан.За првенството во 2022 година, најсилни кандидати беа САД и Австралија, но овие две богати и организационо моќни земји, беа поразени од малечкиот Катар, каде не се игра фудбал.
Американците имаа и најсилна делегација за тогашниот состанокот на ФИФА во Цирих, а почесен претседател на Комитетот за кандидатурата на САД беше поранешнит претседател, Бил Клинтон, кој тие денови престојуваше во Швајцарија.
Набргу потоа, САД и Велика Британија изразија сомнежи во „регулароста на одлуките“ за Русија и Катар и тоа го одржуваат и сега, 4,5 години по гласањето.
Некои блиски пријатели на Блатер изјавија денеска дека „отворено се сомневаат“ во искреноста на покренувањето на случајот со корупција и апсењето на седумината поранешни и сегашни функционери, затоа што се случува на само два дена пред гласањето за нов претседател.Тие сметаат дека станува збор за американска одмазда кон Блатер и обид тој да не биде повторно избран.
Апсењето и обвинувањето на ФБИ за корупција, по само 24 часови прерасна во политички судир меѓу Западот и остатокот од светот, откако францускиот министер за надворешни работи ја подржа УЕФА во барањето да се одложи изборот на претседател, а Русија и претседателот Владимир Путин, застанаа цврсто зад Блатер и неговиот повторен избор.
Во Лондон се признава дека УЕФА е единствената континентална асоцијација која е против Блатер, додека сите другите му даваат подршка за уште еден негов, пети по ред, мандат.
Јужна Африка остро ги отфрли сомнежите дека „ја купила„ организацијата на Светското првенство во 2010 година, Русија соопшти дека подготовките за Мундијалот 2018 продолжуваат, а американскиот организатор на Копа Америка во 2016 година, му порача на ФБИ да ги остават на мир и да не им додева со истрага за корупција.