Под мотото „Стоп за лошите реформи во образованието“, наставниците од Наставнички пленум во недела ќе излезат на мирен протест пред Министерството за образование и наука.
Протестот, според пленумот, е во знак на револт заради започнувањето на екстерното тестирање без да се земат во предвид сите забелешки и напори направени во изминативе месеци да се оспори процесот.
„Овој протест не е да се спречи екстерното. Овој протест е против сите негативни реформи кои ги носи оваа нелегитимна влада! Со овој протест не мислиме да го спречиме екстерното кое стартува за неколку дена, туку да укажеме дека и покрај сите обиди, не најдовме ни еден аргумент кој би ја поткрепил тезата дека екстерното тестирање ќе го подобри квалитетот на образованието“, велат од Наставнички пленум.