Сомалискиот огранок на Ал Каеда, Ал Шабаб ги осуди денеска „будистите дивјаци“ од Мјанмар, поради третманот кон муслиманите и ги повика припадниците на исламот од југоисточна Азија да им помогнат на муслиманските имигранти, кои се наоѓаат на отворено море меѓу Индонезија и Малезија.
Во соопштението на организацијата Ал Шабаб, џихадистите ги повикаа муслиманите од Бангладеш, Малезија, Индонезија и Тајланд да ја „преземат клучната улога во олеснувањето на маките на муслиманите во Мјанмар“.
– Под закана на будистите дивјаци, илјадници муслимани, меѓу кои има и многу жени и деца, ги напуштија своите домови и очајнички се обидуваат да стигнат до безбеден брег, при што нивното единствено злосторство е што нивната вера е исламот, соопшти оваа исламистичка групација од Сомалија.
– Земете ги работите во свои раце, помогнете им на муслиманските браќа и бидете свесни дека тоа е ваша верска обврска, за чие исполнување ќе одговарате пред Алах на судниот ден, се додава во соопштението.