Најмалку едно лице загина, а седум се повредени денеска во самоубиствен напад во источниот либиски град Куба, соопштија локалните сили за безбедност.
Автомобил полн со експлозив удрил во контролен пункт во Куба, по што експлодирал. Засега никој не презеде одговорност за нападот.
Во февруари борци од групата Исламска држава извршија напад со автомобил бомба во Куба, во кој загинаа 42 лица. Нападот беше одмазда за египетските воздушни напади откако џихадисти убија 21 египетски копт.
Речиси четири години по соборувањето на режимот на Моамер Гадафи, Либија е во тотален хаос. Земјата се наоѓа во отворен конфликт меѓу две ривалски влади и два парламенти, поврзани со спротивставени вооружени групи.