Сунитската коалиција, предводена од Саудиска Арабија, која спроведува операции против шиитските бунтовници Хути во Јемен, минатата ноќ изврши нови воздушни напади врз воените единици лојални на поранешниот јеменски претседател Али Абдула Салех.
Нападнати се цели источно и јужно од главниот град на Јемен, Сана, изјавија локални жители.
Тоа се првите напади на коалицијата по петдневното примирје, иако вчера беа обновени воените дејствија во северната јеменска провинција Саада и во јужниот град Аден.
Прекинот на огнот заврши во неделата вечерта и покрај инсистирањето на ОН и на хуманитарните организации за негово продолжување, со цел да се овозможи да им се достави помош на 25-те милиони жители на сиромашната арапска земја.