Либиската Влада, која е признаена од меѓународната заедница, одби секаква воена операција против илегалната имиграција, откако Европската унија одобри голема поморска операција, посебно во либиските територијални води.
– Секоја воена акција треба да се одвива во соработка со либиските власти. Воената опција не е хумана кога се работи за чамци со имигранти во либиските води или надвор од нив, изјави портпаролот на Владата, Хатем ел Оурајби.
Тој наведе дека Владата нема да прифати загрозување на либискиот суверенитет ниту ќе го прифати планот на ЕУ, ако не се одвива во соработка со неа.
– Земјите-членки на ЕУ се договорија во јуни да покренат поморска операција против трговците со луѓе, одговорни за приливот на имигранти преку Средоземно Море во Европа, изјави шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини.
Седиштето на новата поморска мисија против трговците со луѓе ќе биде во Рим, а ќе ја предводи италијанскиот адмирал Енрико Кредандино.
Операцијата на ЕУ предува испраќање на воени бродови и извидувачки авиони до брегот на Либија. Планот на ЕУ предвидува и евентуално уништување на бродовите што се користат за транспорт на илегалните имигранти до брегот на Европа.
Советот за безбедност на Обединети нации треба со резолуција да ја поддржи воената акција.