Фестивалот „Браќа Манаки“ во Кан привлекува внимание со проектот „Објективи низ времето“

Од:

Интернационалниот фестивал на филмска камера  „Браќа Манаки“ – Битола го привлекува вниманието на меѓународната филмска професионална јавност на Филмскиот фестивал во Кан.

Проектот „Lens thru time“ („Објективи низ времето“) подготвен заедно со Агенцијата за филм и Кинотеката на Македонија, си го најде своето место на светскиот фестивал. Разгледници со делата на браќата Манаки, дивидијата со творештвото на Манаки во издание на Кинотеката на Македонија, флаери со информативен материјал за историјата на првите балкански кинематографери, но и за фестивалот, можат да се забележат на сите поважни пунктови од каде филмските професионалци се информираат.

Најинтересни за професионалците се изработените разгледници по избор на фотографот Роберт Јанкулоски. Во промотивниот материјал има и брошура за промоција на Битола и на проектот „Битола-Филмленд“. Поводот за проектот е 110-годишнината од творечкиот опус на браќата Манаки.

На павилјонот на земјите од Југоисточна Европа синоќа се одржа забава на која присуствуваа неколку стотици гости, претставници на фестивали, продуценти, режисери, дистрибутери. За пријателите на фестивалот, но и потенцијални соработници, винарската визба „Тиквеш“ обезбеди врвно црвено вино „барово“, наградено со највисоки оцени од светски познати вински критичари од калибарот на Роберт Паркер, за кое во оваа пригода е направена и посебна етикета со ликовите на браќата Манаки.

Филмски професионалци многу позитивно ја оценија реализацијата на проектот „Lens thru time“.

Шахла Нахид, филмски критичар од Франција, која беше гостинка на „Браќа Манаки“ пред две години, истакна дека присуството на големите фестивали е задолжително, за светот да не дознае.

– Ова е вистинскиот начин. Еднаш штом ќе го направите ова, продолжете само напред. Фактот дека вашиот павилјон е преполн, а и од година во година расте интересот за учество на фестивалот и на маркетот, воопшто, кажува дека тоа е вистинскиот пат за филмската индустрија. Тоа е доказ. Навистина ми значеше многу кога од ваш претставник ја добив поканата за присуство на забавата лично, веднаш после прес-проекција. Никој претходно не ми пристапил така и тоа е вистинското. Јас сум била на вашиот фестивал и многу го сакам, и токму така треба да му се претставите на светот, да ве запознае што подобро, истакна Шахид.

Голем пријател на фестивалот е британскиот критичар Филип Бергсон. Тој нагласи дека Македонија има со што да се гордее и ги пофали подготвените материјали.

– Јас сум пријател на фестивалот „Манаки“. Важно е настаните да бидат фино осмислени, не само да се направат колку да ги има. Забележав дека годинава на забавата се појавија многу нови луѓе кои ги немало во минатите години. Некои од нив чуле за вашиот фестивал , некои не знаат ниту Македонија, ама на вакви настани ќе дознааат. А посебно кога ќе си заминат со добри промотивни материјали и со убаво вино. Важно е да презентирате убава приказна за фестивалот и така повеќе луѓе ќе сакааат и да дојдат во прекрасната Битола, рече Бергсон.

Од презентацијата и одѕивот од проектот е задоволен и директорот на фестивалот Димитар Николов.

– Се познавам со многу луѓе како дистрибутер и сега кога им се претставувам во поинакво светло, позитивно ме прифаќаат. Сакаат да соработуваат, им се допаѓаат идеите што ги имаме и сакаат да се вклучат во тоа. Тоа за мене е добар знак, зашто овој фестивал со темпото што го почнавме во април, и со реализација на идеите, иако ми е прв, во голема мерка ќе ги исполни очекувањата. Рано е да зборуваме за септември. Убаво реагираа на самите материјали. На пример, сопругата на албанскиот продуцент и режисер Бујар Алимани, во чантата имаше полно материјали од нашите и ми рече дека во Грција и во Албанија ќе им покаже колку добра промоција сме подготвиле. И забавата помина многу добро. Во последните  шест-седум години редовно доаѓам во Кан и навистина не паметам толку народ на забавата, смета Николов.

На забавата присуствуваа и директори на филмски фондови од Европа, како и важна претставничка на Министерството за културно наследство и туризам на Италија.

Фестивалот во Кан ќе трае до 24 мај.

Би можело да ве интересира

Критичарите воодушевени од новиот хорор филм: Го нарекуваат најстрашниот филм од „The Shining“

Предраг Петровиќ

Во Турција е забранет новиот филм на Даниел Крег со интимни геј сцени

Предраг Петровиќ

Доаѓа втората сезона на трилер серијата која се смета за најдобра досега

Лијам Нисон призна дека Памела Андерсон му го освоила срцето: Лудо сум вљубен во неа

Предраг Петровиќ

Недела на романски филм во Кинотека: Проекции на филмовите на Пују, Мунџиу, Порумбоју и Жуде кои ја поставија Романија на мапата на светската кинематографија

Предраг Петровиќ

Бред Пит ја откри улогата која му го промени животот: Научив многу

Предраг Петровиќ