Квалитетните меѓуетнички односи го спречија конфликтот и неговото ширење. Граѓаните на Куманово покажаа дека сакаат да живеат заедно и да градат општина и држава со заеднички сили, рече денеска претседателот на општинскиот совет Максим Димитриевски откако во придружба на координаторите на советничките групи на општината изрази сочувство за загинатите припадници на безбедносните сили.
Димитриевски упати благодарност и кон збратимените општини Јагодина, Горљи Милановац, Бања Лука, Бијелна, Чукарица,…, кои се понудиле за помош.
– Повеќе од 115.000 граѓани беа директни сведоци на завчерашните случувања, но благодарение на нив, Куманово повторно се надмина себеси и не дозволи ескалација, истакна Димитриевски.
Тој додаде дека Куманово е безбедно место за живеење, притоа изразувајќи благодарност на припадниците на МВР кои, како што рече, несебично се жртвуваа за безбедноста.
Во текот на денот ќе се одржат бројни состаноци со месното население, ќе се формираат стручни тимови и комисии кои под раководство на општинскиот кризен штаб ќе излезат на терен и ќе се побара помош од државата и добронамерните за семејствата од засегнатото подрачје. Сите одлуки кои се однесуваат на безбедносната состојба во градот се донесени со апсолутен консензус.
Во Кол Центарот сместен во општината помош побарале 51 семејство.
– Најмногу помош бараат во храна, бебешки производи и хигиенски средства, изјави секретарот на општина Куманово Валентина Алексовска.
Таа ги повика да се јават сите засегнати, да кажат во кој реон од градот сега се сместени и од која улица од населбата „Тоде Мендол“ доаѓаат.
Од 11 часот претпладнево пред Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ е отворена Книга на жалост во која граѓаните на Куманово изразуваат сочувство за загинатите припадници на безбедносните сили. Книгата на жалост ќе биде отворена до 19 часот, по што ќе биде доставена до МВР.