Странските агенции за ситуацијата во Куманово

Од:

Странските новински агенции известуваат за загинатите во судирите Куманово на полицијата со вооружена група луѓе. Тие притоа наведуваат дека тоа ја зголемува загриженоста на Западот за стабилноста на Македонија.

Полициската акција во Куманово за разбивање на „вооружена група“, како што соопшти министерската за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, при што загинаа петмина полицајци, десетици биле ранети ја зголемува загриженоста на Западот за стабилноста на Македонија. Ова го наведува новинската агенција Ројтерс за ситуацијата во Куманово.

Притоа агенцијата потсетува на тоа дека македонската влада е под притисок на обвинувањата на главната опозициска партија Социјалдемократскиот сојуз за нелегално прислушување и за злоупотреби.

Посматрачите, како што наведува Ројтерс страхуваат дека политичките лидери од двете страни би можело да се обидат да ги подигнат етничките тензии во земјата.

Агенцијата Ројтерс ја цитира министерката Јанкуловска дека ситуацијата на теренот останува многу критична и оти акцијата ќе продолжи се додека не биде „фатен и последниот терорист“.
Агенцијата ја цитира и изјавата на лидерот на СДСМ Зоран Заев дека „мрачното сценарио нема да успее и оти граѓаните гледаат кој имал интерес од таквото сценарио“.

Француската новинска агенција Франс прес исто така наведува дека Македонија е погодена од длабока политичка криза која, како што се оценува, дополнително е потресена во саботата кога пет полицајци биле убиени во судирите си неидентификувани вооружени луѓе меѓу кои исто така имало загинати.

Агенцијата наведува пишувања на локални медиуми на албански јазик дека во акцијата загинал петмина припадници на вооружената група.

До пресметката дошло, како што наведува Франс прес, по три недели откако 40 етнички албанци од соседно Косово накусо ја презеле контролата врз полициска станица на македонската северна граница, барајќи создавање албанска држава во Македонија.

Албанија и Косово, како и албанската партија во Македонија ДУИ остро ги осудија саботните судири и повикаа на смиреност; наведува Франс прес, додавајќи дека во исто време Србија испратила дополнителни сили на границата со Косово и со Македонија.

Новинската агенција Асошиетед прес информирајќи за ситуацијата во Куманово ја пренесува изјавата на министерката за внатрешни работи Јанкуловска дека „терористичката група влегла во Македонија од една соседна земја без да именува која и оти планирала да ја искористи сегашната политичка ситуација и да изведе напади врз државни институции.

И оваа агенција оценува дека судирите се случиле во Македонија во момент кога таа се соочува со најдлабоката политичка криза од независноста од поранешна Југославија во 1991 година.
Куманово, потсетува агенцијата, е етнички мешан град и оти во близина е регионот кој беше центар на непријателствата меѓу етничките Албанци и владините сили за време на конфликтот во 2001 година.

Асошиетед прес ја пренесува и изјавата на американската амбасада во Скопје во која, меѓу другото, се бара граѓаните да останат мирни.

Извор: Радио Слободна Европа

Би можело да ве интересира

Девојче било истепано на свадбена веселба во Куманово

Изгоре куќа во Куманово, нема повредени

Сообраќајка во Куманово, тешко е повреден пешак

Потребни ригорозни санкции за оние кои ги напуштаат милениците и исфрлаат легла апелираат ветеринарите

Куманово: Две пријави за напад на ученици и еден за наставник во два одвоени случаи

Градежна инспекторка од Куманово побарала поткуп од 4.000 евра