Ако сакате пецива тогаш немојте да се двоумите да ја подготвите оваа декоративна погача …
Потребно е:
120 мл млака вода
1 лажиче шеќер
10 гр свеж квасец
420 гр брашно
1 1/2 лажица шеќер
1/2 лажица сол
120 мл млако млеко
120 мл масло
1 жолчка од јајце
Подготовка:
– Во еден сад ставете ја млаката вода и додадете ги квасецот и шеќерот. Разматете и оставете да стаса.
– Во подлабок сад ставете го брашното и додадете ги солта, шеќерот, стасаниот квасец, млеко, масло и замесете фино, меко и еластично тесто.
– Набрашнете ги ѕидовите на садот, ставете го тестото, покријте го со крпа и оставете го на топло за да нарасне двојно.
– Од надојденото тесто откинете едно мало парченце колку една џамлија (за средината на погачата).
– Тестото поделете го на 4 дела и од нив формирајте 4 топчиња. Секој дел расукајте го со кружен облик и дијаметар 20-22 см. Четирите кругови наредете ги еден врз друг.
– Потоа исечете ги на 8 еднакви делови. Секој дел засечете го по средина, завиткајте го од пошироката страна (како кога почнувате да ги замотувате кифличките) на внатре и штипнете ги за да се состават краевите.
– Така подготвеното парче ставете го на поголема тава обложена со хартија за печење. На ист начин направете ги и другите парчиња и наредете ги на тавата (како на сликата).
– Малото парче тесто истенчете го и замоткајте го како ролат и ставете го во средината на погачата.
– Тестото за погача покријте го со крпа и оставете го на топло да нарасне.
– Пота премачкајте го со разматена жолчка со малку вода и ставете да се пече во загреана рерна на 180 целзиусови степени околу 30 минути. Ако погачата почне нагло да потемнува тогаш додека се пече покријте ја со алуминиумска фолија и продолжете со печењето.
– Оваа превкусна погача служете ја топла.