Челниците на Светската фудбалска асоцијација (ФИФА), кон крајот на месецов, ќе го разгледуваат предлогот од Фудбалскиот сојуз на Палестина, за суспензија на Израел од меѓународните фудбалски натпреварувања.
Палестинскиот фудбалски сојуз, побара Израел да биде санкциониран, поради одлуката на безбедносните сили на оваа земја, да го ограничат движењето на фудбалерите, со што на палестинските играчи не им е дозволено на настапат на повеќе натпревари.
ФИФА го објави планот за изборниот конгрес кој на 29 мај ќе се одржи во Цирих, а на кој нејзините 209 членки покрај изборот на претседател, ќе треба да се изјаснат и за палестинскиот предлогот за суспензија на Израел.
Сепак, според добро упатени извори од седиштето на ФИФА, палестинскиот предлог најверојатно нема да биде прифатен, бидејќи за негово усвојување, потребно е најмалку три-четвртини од делегатите да гласаат за предлогот.
Актуелниот претседател на ФИФА, Сеп Блатер кој е и најголем кандидат за нов (пети) мандат, минатиот месец јавно се изјасни дека е против таквиот предлог на палестинскиот фудбалски сојуз.