Јанез Копач: Сведоци сме на се поголема изолација на Македонија од меѓународната заедница

Од:

Директорот на Секретеријатот на Европската енергетска заедница, Јанез Копач, вели дека штетните владини политики ја водат Македонија во се поголема изолација од меѓународната заедница.

Копач се осврнува на Македонија во последното образложено мислење на Енергетската заедница поврзано со споровите против Македонија по одложувањето да биде отворен пазарот за електрична енергија. Секретаријатот верува дека оваа одлука на Владата има за цел да го заштити монополот на пазарот, што оди на штета на потрошувачите и малите бизниси.

„Одлуката на Македонија да се одложи целосното отворање на пазарот на електрична енергија, а со тоа и да им се забрани на потрошувачите сами да го избираат својот снабдувач, е уште една манифестација на актуелните политики на Владата систематски да се одбиваат обврските на земјата во рамки на Договорот за енергетска заедница и следствено, во рамки на законите на ЕУ. Овој тренд стана се повеќе видлив и се манифестира во неколку прекршувања на прописите на енергетската заедница, вклучувајќи го, меѓу другото, неприфаќањето на обврската за обновливи избори на енергија и непочитувањето на Вториот и Третиот енергетски пакет правила во гас секторот при соработката со руските партнери. Тековните проблеми во енергетскиот сектор се огледало на другите проблеми во земјата – растечката политизација на државните институции и драматичното влошување на политичката ситуација. Ние сме сведоци на се поголема изолација на земјата од меѓународната заедница“, стои во обраќањето на Јанез Копач.

Во образложението Секретаријатот го повторува својот став дека измените на Законот за енергетика, донесени во октомври 2014 година, ги лишуваат малите бизниси и домаќинствата од нивните права да купуваат електрична енергија од добавувач по нивен избор. И по истекот на рокот за либерализација на пазарот на 1-ви јануари 2015 година, утврден со законот на Енергетската заедница, тие се и понатаму обврзани да купуваат електрична енергија од актуелниот снабдувач кој го има монополот на пазарот.

Енергетската заедница бара од Македонија во рок од два месеци да ги испочитува обврски и да ги усогласи отворените прашања. Од таму велат дека одложувањето на целосната либерализација на пазарот до 2020 година претставува сериозно прекршување на Договорот за основање на Енергетската заедница.

„Владата го оправдува одложувањето преку ризик од „можно драстично зголемување на цените на електрична енергија за домаќинствата“. Во реалноста, аргументот за „ценовен шок“ се чини дека има за цел да ја заштити ликвидноста на актуелниот снабдувач, отколку да ги заштити домаќинствата. Оваа мерка може само да го заштити актуелниот снабдувач од секоја потенцијална конкуренција така што го пролонгира неговиот монопол на пазарот за значителен временски период. Заштитата на потрошувачите од драстично зголемување на цените и обезбедувањето на сигурност во снабдувањето е легитимна цел која може да се постигне преку мерки кои би биле помалку штетни за пазарот и кои би биле во согласност за Законот за енергетска заедница“, велат од таму.

Маја Васева

Би можело да ве интересира

Бислимовски: Со новиот Закон за енергетика се оди кон либерализација на пазарите што поттикнува инвестиции

Божиновска: Регионалната соработка е од особена важност за енергетската трансформација

Божиновска најави ревизија на сите државни институции во делот на енергетика

Катерина Ѓуровски

Во првите сто дена од новата влада Мицкоски најави проект во енергетиката, две инвестиции и проширување на други две

А1он

Собраниска комисија нема да расправа за гасните централи и соларните паркови

A1on

Отворени понудите за универзален снабдувач на електрична енергија за потрошувачите на регулираниот пазар

Горан Наумовски