Прекрасен рецепт за сите љубители на пилешко месо. Месото подготвено на овој начин е сочно и неверојатно вкусно …
Потребно е:
4 поголеми црвени пиперки бабури
4 парчиња пилешки гради
100 гр свеж спанаќ
неколку лажици маслиново масло
по вкус мелен сув зачин, бибер
4 чешниња лук
300 гр моцарела, изрендана
Подготовка:
– Пиперките измијте ги, избришете ги и одсечете им ги врвовите и исчистете ги семките. Наредете ги во плитка тава и ставете ги да се печат во рерна на горната решетка 10-15 минути.
– Додека се печат пиперките, подгответе го месото. Измијте го белото месо, исушете го, ставете го во подебела пластична кеса и истолчете ги со дрвен чук, но не многу тенко. Месото посипете го со мелен сув зачин и бибер и секои парче премачкајте го со по една лажица маслиново масло. Сега одозгора посипете ги со ситно сецканиот лук.
– Измијте го спанаќот, исечете ги дршките и грубо исечете го. По една рака од спанаќот распоредете на секое парче месо, а над спанаќот и од ренданата моцарела (оставете малку од моцарелата).
– Убаво притиснете сите состојки да се слепат на месото и цврсто замотајте ги како ролати. Одозгора премачкајте ги со маслиново масло.
– Пиперките извадете ги од рерна. Во секоја пиперка ставете по еден ролат од месо. Сега пиперките наредете ги во една малку намастена огноотпорна тава со отворот нагоре и ставете ги да се допечат во загреана рерна на 200 целзиусови степени околу 60 минути.
– Извадете ги од рерна и на сите ставете од преостанатата рендана моцарела. Повторно вратете ја тавата во рерна и допечете ги уште 5-10 минути, односно да се растопи сирењето и да добие убава боја.
– Пиперките сервирајте ги топли со пире од компири или печени компири, како гарнир.