За секој зафат што го плаќаат при одржувањето на зградата, станарите да добиваат фактури, а не уплатници, предлагаат лиценцираните управители и бараат ова да биде една од измените во Законот за домување.
Управителите, како што беше речено денеска на прес-конференција во Стопанската комора, со законски измени бараат и да им се овозможи добивање валидни информации од МВР, УЈП, Катастарот, општините, за точната адреса на живеење на станарите со кои склучуваат договор за одржување.
– Издавањето на фактурите создава обврска кај правните лица (управителот, фирмата) да се евидентираат и да платат данок на додадена вредност што со уплатницата не е случај, нагласи Васе Самараков, престедател на Групацијата за домување при Комората.
Според него, многу често поради неточна адреса на живеење се одолговлекуваат судските спорови за станарите кои не го подмириле долгот кон управителите за одржувањето.
– Имаме и серија други забелешки на Законот за домување. Се надеваме дека ќе бидат земени предвид и ќе се направат прилагодувања на правната рамка во насока на обезбедување позитивен деловен амбиент, напомена Самараков.
Воедно потсети дека во јануари годинава Групацијата поднесе иницијатива за измени и дополнувања на Законот за техничка инспекција со цел дефинирање на одговорноста при дефект на лифтовите.
– Решавањето на овој проблем е неминовно зашто лиценцираните управители не се сопственици на лифтот, но имаат законска обврска да го следат неговото редовно одржување и да преземаат чекори во случај на дефект се до моментот на изгласување одлука од мнозинтсвото станари за санирање на штетата или поправка, објасни Самараков.
Според претседателот на Регулаторната комисија за домување при Министерството за транспорт и врски Душко Кадиевски, во Македонија над 50 отсто од станбените згради (околу 10.000) имаат ангажирано управители или именувано претседатели на станбени единици. Лиценцирани управители се вкупно 38, а во тек се постапки за издавање лиценци на уште двајца. Оваа бројка, смета Кадиевски, е доволна со оглед дека еден лиценциран управител управува со повеќе згради и влезови или со по околу 4.000 станови. Управителите вработуваат 250 лица или секој по најмалку 50.
– Станарите се повеќе ангажираат управители, додека бројот на претседатели на станбени заедници згаснува. Тоа покажува дека управителите поефикасно ги вршат услугите на станарите за разлика од претседателите на станбените заедници кои не се снајдоа добро, рече Кадиевски.
Од невладината Хабитат Македонија која подогло време се занимава со прашањето на домување, велат дека наспроти добро уредените станови, ходниците и влезовите во зградите даваат сосема поинаква слика-нечисти, потемнети ѕидови, скршени прозорци, нефункционални лифтови, разрушена фасада,…
– Изминатите четири години, од соработката со преку 80 згради од кои 33 се веќе реновирани по принципот на енергетска ефикасност, заклучивме дека главната причина за ваквата состојба треба да се бара во несоодветното управување или неуправувањето воопшто, истакна Лилјана Алчева од Хабитат Македонија.
Алчева подвлече дека согласно Законот за домување, сопствениците на становите имаат обврска да се грижат не само за становите, туку и за заедничките делови на зградата. Но, праксата покажува дека свесноста за ова е најголема пречка за квалитетно домување.
Самараков и Алчева за в среда најавија конференција на која надлежните ќе дебатираат за управувањето со колективните станбени згради.