На овогодинашниот Скопски маратон, што ќе се одржи на 10 мај, под мотото “Ако кажеш трчај, јас ќе трчам со тебе – за подобар живот на Јоце и Марга“, маратонецот Александар Смилков ќе трча на патеката долга 42.195 километри со хумана цел за Јоце и Марга, заедно со неговиот придружик маратонец Александар Димитровски.
Неговата трка, се наведува, ќе биде невообичаена досега, бидејќи цели 42 км ќе трча туркајќи ја Марга во инвалидската количка на Јоце. Со тоа Јоце и Марга и самите првпат ќе бидат учесници на еден маратон.
Јоце Блажевски боледува од церебрална парализа и за неговиот последен третман со матични клетки во Клиниката Неуровита во Москва се потребни 13.745 евра. Во јуни треба да биде последниот третман. Веќе три години се лекува со третман со пресадување матични клетки и успеа од инвалидска количка да застане самостојно со помош на дубак и да прави чекори. Неговата упорност и трепние го доведоа до огромен успех, кој е и наш бидејќи сите заедно успеавме да му го овозможиме ова лекување.
Бројот за донации за Јоце Блажевски на Т-Мобиле е 070/ 143 109 (со еден повик од мрежата на т-моб се донира 118 ден со ДДВ)
Марга Велеска е 29-годишна девојка, која исто така боледува од церебрална парализа. Таа се движи самостојно, но со потешкотии и нестабилност. Се уште има потреба од помош од друго лице. За да се подобри нејзината рамнотежа и општа физичка состојба, потребен и е ист таков третман со пресадување матични клетки во Клиниката во Москва. Марга веќе три години се обидува да собере 21.000 евра за првиот третман, но подоцна следат и останатите третмани. За првиот третман и недостигаат уште околу 9.000 евра.
Бројот за донации за Марга на Т-Мобиле е 070/ 143 114, на ВИП 077/ 143 007
Оваа хуманитарна кампања може да се поддржи со уплата на жиро сметката на Црвен крст, кој потоа ќе ги донира собраните средства директно на сметката на Јоце и Марга.
Црвен крст на РМ – Општинска Организација Центар
НЛБ Тутунска Банка
сметка: 210- 040683600103