Во ДУИ се почитува слободата на говорот, но нема простор за циркуски акробации во градењето на политиките затоа што ние сме сериозна партија со стратегија за идните генерации Албанци во Македонија, изјави денеска лидерот на ДУИ Али Ахмети, кој присуствуваше на изборното собрание на огранокот во Струга.
Ахмети ова свое обраќање го даде откако изминативе два дена оставки од партиските и владините функции најавија заменик-министерот за одбрана Арбен Лабеништа, генералниот секретар на партијата Хазби Лика и потпретседателот на огранокот на партијата во Арачиново Шефик Дураку.
– Ние сме наследници на ОНА и се обидуваме да не ги разочараме граѓаните. Тоа го покажуваат и прислушкуваните разговори. Не велам дека немаме слабости, но заеднички треба да ги решаваме, а не да се криеме во дупки. Слободата на изразување во ДУИ никогаш не била загрозена, но треба да се каже овде, на ова изборно Собрание, истакна Ахмети.
Партијата, според него, има изградено фронт за сите потешкотии кои што можат да дојдат од надвор, но и за евентуалното незадоволство одвнатре.
– Се обидуваме да ги решиме со внатрепартиските акти. Но над се, зад нас е волјата на базата и тајниот глас. Тоа се нашите постулати. Нека не се лаже некој дека ДУИ е организација за една употреба, изјави Ахмети.
Во однос на актуелната политичка состојба во земјата вели решението треба да произлезе од политичкиот дијалог со меѓународно посдредништво.
– Намерата на претставниците на меѓународната заедница е да и помогнат на Македонија во надминување на кризата и нивното внимание произлегува од значењето што Македонија ја има во регионот затоа што нашата стабилност и мирот во регионот се клучни за интеграцијата. Ние инвестираме во добри односи и интеграција на земјава во НАТО и ЕУ и за тоа ја имаме поддршката на меѓународната заедница, затоа што тоа е и волјата на граѓаните на РМ, рече лидерот на ДУИ.
На средбите што ги имал, како што вели Ахмети, со пријателите од центрите на одлучување, тие посочиле дека во секоја криза се раѓа нова можност, но оти за тоа е потребна храброст.
На денешното изборно Собрание, за претседател на струшкиот огранок на ДУИ е избран Рамис Мерко.