Адвокатот Ангеле Илиевски, бранител на првоосомничениот во случајот „Пуч“, Зоран Верушевски, во изјава за „Мета“ ги негира информациите што ги пренесоа дел од медиумите дека обвинителниот акт против осомничените ќе бил готов за една недела.
– Обвинителниот акт не може да биде готов за една недела бидејќи ние имаме рок од 15 дена во кој ќе поднесеме предлог за пробирање на нови докази. Дополнително јавниот обвинител треба да се изјасни дали тие ќе ги прибираат доказите или ние, а тука е и времето во кое институциите што треба да ги достават материјалите ќе одговорат и тоа може да трае и 30 дена – вели Илиевски.
Според адвокатот, тешко е да се прогнозира за колку време би почнал судскиот процес од донесувањето на обвинителниот акт, известува Мета.
– Тоа зависи од повеќе околности и не може да се прогнозира. Најважна тука е брзината и ефикасноста на јавниот обвинител и колку тој сака професионално да си ја заврши работата – додава адвокатот.
Сепак, доколку се земе во предвид брзината со која обвинителството ја водеше истражната постапка, која за разлика од некои други предмети заврши за околу два месеци, можно е судскиот процес за „Пуч“ во кој еден од осомничените е и лидерот на опозицијата Зоран Заев, да почне летово.
Доколку се оствари оваа прогноза, прашање е и како на судскиот процес ќе влијае и користењето на годишните одмори на судиите, односно судиската ферија која трае од 15 јули до 15 август.
Годишните одмори на судиите, сепак, не значат целосно затворање на судовите во тој период. Судовите од прв степен извршуваат нужни работи, а едни од таквите, кои не трпат привремен застој се кривични предемти во кои обвинетиот е во притвор или предмети за странките кои не живеат во земјата.
Судиите во периодот од 15 јули до 15 август ќе можат да ги искористат своите годишни одмори. Периодот за полнење на батерии, односно правото за користење на одмори кај судиите изнесува 26 дена. Ова, секако не значи дека ќе биде ставен клуч на судовите низ Македонија.
Според Законот за кривична постапка (ЗКП) по изготвувањето на обвинителниот акт има рок од осум дена во кој одбраната може да поднесе жалба на обвинението. Неговата основаност ја оценува судија или совет за оценка на обвинителниот акт, во случај кога станува збор за потешко кривично дело за кое е предвидена казна затвор над 10 години. Судијата или советот може да закажат и рочиште за оценка на обвинителниот акт најдоцна за 15 дена од истекот на рокот за жалба. Во случај осомничениот да го признае делото и да бара спогодување со јавниот обвинител, рочиштето за одлага и се закажува ново во рок од 15 дена. Доколку нема жалба и обвинението е основано обвинението се процесуира до надлежниот суд.
Судот треба да закаже почеток на судскиот процес најдоцна за 30 дена, од денот на приемот на обвинението, а кога станува збор за организиран криминал, за каков што се гонат осомничените во „Пуч“, главната расправа се закажува најдоцна за 60 дена од денот на приемот на обвинителниот акт во судот.
Извор: Мета