Фактот што Заев се наоѓа на слобода, и покрај заканите на пропагандните кловнови на власта низ провладините медиуми, не е резултат на „милоста“ или политичката коректност (?!) на фамилијата, туку на рационално пресметана кост-бенефит анализа во последните недели или месеци од нивното владеење.
Пишува: Сашо ОРДАНОСКИ
За употребата на ветото, како механизам за спроведување на одредена политика, во меѓународните односи важи познатото правило дека заканата со вето е посилен адут во политичкиот притисок, отколку самата примена на ветото. Балансот на силите пред и по примената на ветото се менува: доколку заканата, макар и на ниво на перцепција, го прави ветото како моќен, динамичен механизам за притисок и за менување на одредено однесување или политика на опонентот, неговата фактичка примена обично го префрла тежиштето на притисокот кон оној кој го употребил, затоа што сега тој треба да ја објаснува и да ја оправдува потребата и користа од употребеното вето. Од динамична, ситуацијата станува статична, позициите се радикализираат, а конфликтот ескалира, со одлагање на решението на спорот, од што, во принцип, многу трпи и страната која го применила ветото. Потоа симнувањето на ветото, независно кога и како ќе се случи, претставува неминовен, макар и епизоден политички пораз за оној кој го употребил.
РАЦИОНАЛНО СЦЕНАРИО
Примерот со употребата на ветото во меѓународната политика во контекстот на дилемата зошто Груевски не го апси Заев ми се гледа како елегантна споредба за тоа каква е моќта на заканата, наспроти спроведувањето на заканата, воопшто во политиката. Со други зборови, тезата е дека оној кој се заканува има поголем маневарски политички простор за притисок пред да ја спроведе заканата во дело, а токму тоа е моментниот опис на состојбите во кои се наоѓа Груевски: со оглед на тоа што секому во државава му е јасно, особено по отслушаниот серијал од првите 20 епизоди прислушувани разговори, дека одлуката дали да се апси Заев се носи во кабинетот на премиерот (а не во потполно делегитимираните правосудни институции во овој високо корумпиран систем на владеење), тогаш треба да се цени состојбата во која се наоѓа фамилијата, наспроти евентуалната одлука за апсењето на Заев.
Па, каква е таа состојба?
Таа состојба мора да се анализира со земање на предвид на целите што фамилијата, поаѓајќи од даденава ситуација, сака да ги постигне. Тие цели се, најмалку, двојни. Прво, мислам дека главната цел на фамилијата повеќе не е по секоја цена да се остане на власт, бидејќи на секој рационален политички актер му е јасно – а фамилијата, колку за пример, во моментов, гради двоцифрен број на илјади станови во Чешка, што е една крајно рационална операција – дека нивно останување на власт, дури и на среден рок, е невозможна мисија. Затоа таа пожелна, но веќе нереална цел е заменета со друга, пореална опција, а тоа е заминувањето од власта да биде изведено на начин што нема да подразбере хаос и непредвидливи последици по нив, туку договор со испреговарани околности во кои нема да спаѓа лишување од слобода барем на двајцата најважни членови на фамилијата, како и разни други пропратни гаранции и услови. Тоа, значи, е првата цел, која, доколку се игра рационално, од аголот на гледање на фамилијата, може да биде на дофат.
Втората цел е да се сочува што повеќе од пљачкосаниот плен од деветгодишното владеење, и како партиски и како компаниски и, особено, како личен имот. Да не се лажеме, ваквиот движен и недвижен имот веројатно се брои во стотици милиони евра, ако не и повеќе. Самото пребројување на тој имот е една високо рационална операција, иако со важни емотивни последици. Тоа, значи, е втората цел, која, со исполнување на првата цел, може да биде масивен поттик за рационално однесување на фамилијата.
Остварувањето на комбинацијата на овие две рационални цели на фамилијата на власт, низ испреговарана демисија, ќе им овозможи макар делумно и привремено, прво, да се симне притисокот од секојдневната неизвесност за тоа што ќе се случува со нив, нивните и „нивното“ во најблиската неколкумесечна иднина; и, второ, со напуштањето на власта за сметка на добро испреговарана привремена влада, да се прегрупираат, да се пребројат (и во „људство“ и во други ресурси), да ги утешат неминовните и да ги подготват потенцијалните жртви кои ќе мора да ги дадат (разни милевци-горданкевци-камчевци) и да почнат со подготвување и на партијата и на пошироката јавност за вонредните избори кои, за 12 или 18 месеци од сега, би биле можност за, какво-такво, рехабилитирање и останување во политичка игра за на среден рок. (Ах, да, под услов да го сочуваат своето пресудно влијание во самото ДПМНЕ што, пак, е друга математика со која овде, сега, не би се занимавале.)
Како што гледате, иако многу накратко образложено, ова звучи како прилично рационално сценарио кое им стои на располагање на Груевски и Мијалков.
ИРАЦИОНАЛНО СЦЕНАРИО
Апсењето на Заев, пак, сосема го „торпедира“ ваквото рационално сценарио. Прво, и онака растечки мотивираната и мобилизирана опозиција со апсењето на Заев нема да се обезглави, туку, напротив, ќе го „зацементира“ него на лидерската позиција, со ореолот на една од најголемите политички жртви во Македонија од крајот на 19 век па наваму. Со ставањето на лидерот на опозицијата во притвор или во затвор ќе се блокираат секакви можни рационални преговори за разрешување на кризата која, по таквиот потез на фамилијата, од политичка, ќе прерасне во секаков друг вид на криза, вклучувајќи ги и сите непредвидливи безбедносни и економски последици. Тоа, неизбежно, ќе го одведе режимот во експлицитна диктатура.
Второ, во такви услови, меѓународниот фактор, сфатен и како дипломатија и како политичка заедница, сосема ќе го промени својот и онака „оладен“ однос кон власта и кон фамилијата: после десетина портрети и репортажи врзани за македонската опозиција и за најголемиот политички затвореник во овој дел од Европа на медиуми како Си-Ен-Ен, Би-Би-Си, Ал Џезаира итн., местото на овдешните дипломати ќе биде заменето со друг вид на странски кризни преговарачи, најверојатно со повеќе од една „чварки“ на рамењата. Такви, обично, не слетуваат во Скопје со редовни авионски линии од странство и не се концентрираат само на политичкиот исход од преговорите. За нив активностите, политиката и имотот на фамилијата се тотално транспарентни фактори во разговорите кои нема да се водат ниту во ракавици, ниту со, макар привиден, респект кон државните функции и звања. Ќе работат клоци и боксови чијшто почетен резултат, секако, ќе биде ослободувањето на Заев и неговото востоличување во јавноста – не кај ДПМНЕ-јавноста, но кај превладувачкиот дел од партиски неопределената јавност – како неспорен политички спасител на Македонија. Значи, евентуалното затворање, па ослободување на Заев нема да биде еден од аргументите („жетоните“) на страна на власта во деликатните политички преговори, туку ќе биде елементарен услов за да има преговори, кои, во вакви услови, би имале далеку полош исход за фамилијата.
ПРОЛЕТТА, НЕЗАПИРЛИВО, ДОАЃА
Ни Мијалков ни Груевски не се толку глупави, а ни ирационални, за да си постигнат вака очигледен „автогол“ во сопствената политичка, но и животна мрежа, наспроти маневрирањето со заканата за апсење којашто, теориски, им врши повеќе работа. Особено со оглед на фактот што, во моментов, задолжувањето на Македонија се одвива со темпо од некаде околу 5 милиони евра дневно – да, точно прочитавте: на секои 24 часа, за едно или за друго, сега ни недостасуваат околу 5 милиони евра, за овој социо-економски и политички „харакири“ во државава, раскажан и низ живописните описи и колоритните епитети на Ставревски во сите досега отслушани телефонски разговори, да не се распадне по сите шевови – па само е прашање на месеци, а можеби и недели, до кога таа славина ќе може толку штедро да тече.
Сакам да кажам дека фактот што Заев се наоѓа на слобода, и покрај заканите на пропагандните кловнови на власта низ провладините медиуми, не е резултат на „милоста“ или политичката коректност (?!) на фамилијата, туку на рационално пресметаната кост-бенефит анализа во последните недели или месеци од нивното владеење. (Ете, дури и „просечниот македонски бизнисмен“ Љубчо Георгиевски, кој има неспорни практични искуства и со рационални и со ирационални решавања на кризи во Македонија, ѝ препорачува на фамилијата да одбере рационален пристап, со бонус за „амнестија на криминалите“, повторно воден од своите лукративни политички искуства…)
Длабока и широка е кризата во која се наоѓа македонскиот режим, со тенденција на влошување на сите позиции на фамилијата. Тоа, парадоксално – со рационален пристап кон работите – ја чува Македонија од поголеми и погрди компликации.
Но, без разлика на сѐ, слободата во Македонија незапирливо напредува со секој нов пролетен ден. Ура!
Оваа колумна е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Колумната e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на колумната е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).