Премиерот на Пакистан Наваз Шариф денеска изјави дека неговата држава и Турција разгледуваат начин за постигнување на политичко решение на конфликтот во Јемен, како и дека е поканет Иран да се вклучи во нивните напори, јави ДПА.
– Иран, исто така, треба да се вклучи во разговорите и да процени дали неговата политика е правилна, изјави Шариф пред пакистанскиот парламент, каде денеска се одржа дебата за тоа дали Пакистан треба да учествува во предводената од Саудиска Арабија воена операција против шиитски бунтовници во Јемен.
На дебатата во пакистанскиот парламент мнозинството пратеници се изјаснија против интервенција во Јемен.
Како дел од иницијативата на Анкара и Исламабад, турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска во Техеран се сретна со иранскиот претседател Хасан Рохани.
– Се согласувме дека војната во Јемен треба да престане и дека треба да помогнеме за враќање на мирот и безбедноста во земјата, изјави Ердоган по разговорите.
Утре иранскиот министер за надворешни работи Џавад Зариф ќе биде во посета на Пакистан, каде веројатно главна тема на разговорите ќе биде Јемен. Кон крајот на неделата Шариф планира посета на Турција, јави ДПА.