Поранешниот заменик министер за здравство, Владимир Лазаревик, вели дека е невозможно лидерот на опозицијата, Зоран Заев, да биде обвинет за одавање на државна тајна затоа што не му била доверена воопшто.
Тоа, вели тој, го можат само владини функционери кои имаат пристап до класифицираните информации. Освен тоа, Лазаревик вели дека не може донација да биде префрлена на сметка на приватна компанија затоа што при ваквите трасфери од исклучителна важност е траснарентноста како се трошат парите. Наспроти тоа, МВР вчера соопшти дека донацијата од Израел во вредност од 5,5 милиони евра била префрлена на сметката на компанијата која ја набавувала опремата наменета за специјалните единици.
– Кривичната пријава која ја поднесе МВР е целосна глупост, како што е антивизацијата историска глупост. Заев не може да оддаде државна тајна затоа што не ја поседува. Секој функционер мора да има безбедносен сертификат и тој сертификат ве овозможува да располагате со информации кои се од степен на квалификацијата „државна тајна“. Ако го имам безбедносниот сертификат, добијам доверлива информација и ја злоупотребам, ја дадам на трето лице тогаш за мене треба да биде поднесена кривична пријава – вели тој.
Од таму Лазаревик тврди дека кривичната пријава против Заев е целосно неоснована. Тој очекува дека политичките власти во Израел наскоро ќе излезат со реакција на тврдењата кои ги изнесе опозицијата.
– Од разговорите Заев вади информации кои покажуваат дека високи функционери од Владата се инволвирани во тежок корупциски скандал во кој се инволвирани и лица од Израел. Ние треба да се фокусираме на тврдењето дека нашата Влада бара провизија за да купи опрема од Израел. Во ситуација кога тоа ќе ви се случи не можете да очекувате Израел да не реагира – смета тој.
Според него повеќе никој не ја оспорува автентичноста на разговорите и додава дека реакциите во странство се запрепастувачки.
– Нашата таканаречена Влада ја искривоколчува вистината, од ненорамланото прави нормално и ја срами Македонија во очите на светската јавност. Странците се фрапирани од ова што се случува во Македонија и дека се соочуваме со ваков вид на диктатура. Ние сега треба да ја ослобудава Македонија од власта – вели тој.
-За реакција на Министерството за внатрешни работи на Израел ќе се почека неколку дена поради тоа што е празник таму, но побргу ќе стигнат реакции од политички фактори во Израел.
Странска држава да префрли донација на приватна сметка е невозможно, нема понатаму што да дискутираме, рече Лазаревик.
Маја Васева