Хрватскиот премиер Зоран Милановиќ денеска изјави дека одлуката на Хашкиот трибунал за враќање на Воислав Шешељ во затвор нема да го дестабилизира регионот, јави Фена.
– Хрватска сигурно нема да се дестабилизира, ако Хрватска воопшто е дел од регионот, а Србија ќе покаже дали е вистинска демократија или зависи од такви хирови. Тоа никако не смее да ја дестабилизира Србија и затоа изјавата дека тоа е удар за српскиот премиер за мене е несфатлива, изјави Милановиќ по свечната седница во Парламентот за одбележување на шестата годишнина од приемот на Хрватска во НАТО.
Според хрватскиот премиер станува збор за автономна одлука на Хашкиот суд, нагласувајќи дека и претходната одлука за пуштање на Шешељ на привремена слобода била нејасна.
– Не ми беше јасно ниту зошто е пуштен од притвор, но очигледно обвинението не било добро подготвено. Тоа предизвика непотребни негативни емоции во регионот, и на некој начин ја доведе српската влада во тешка позиција, за што од една страна ја разбирам. Од друга страна, очекував појасна реакција пред неколку месеци, истакна Милановиќ.
Хрватскиот премиер нагласи дека не сака да прејудицира пресуда против Шешељ, но дека е јасен фактот дека Шешељ е меѓу најодговорните за војната на просторот на поранешна Југославија.
– Тоа е факт и ниту една судска пресуда нема да го промени. Не знам дали смеам да кажам дека како на човек му посакувам се најдобро, но сметам дека за некои работи навистина треба да одговара, истакна Милановиќ.