– Сите снимки се автентични. Многу тешко е да се изрежираат вакви разговори, односно да се прават лепенки. Гласовните амплитуди да се спојат од една во друга реченица и притоа во иста амплитуда е практично невозможно, рече Горан Митевски, поранешен прв човек на Дирекцијата за јавна безбедност во своето гостување на „Алсат“ телевизија во понеделникот.
– Верзијата за комбето е смешна, како што кажа самиот премиер на прес конференција комбето снимало од 12 до 18 часот во опсег од 2 километри, а бевме сведоци дека добар дел од разговорите се однесуваат на лидерот на СДСМ и заменик претседателот на партијата, на линија Скопје-Струмица.
Снимките се автентични, а опремата за прислушување е набавена во 2008 година од Израел, рече Митевски. Тој кажа дека прислушувањето е дело на вработени во Петтата управа на Министерство за внатрешни работи, кои, пак, невозможно е незаконските работи да ги правеле без добиена наредба од претпоставените. Како прв излез од политичката криза во земјава, Митевски смета дека е неопходна оставка на Јавниот обвинител.
За Звонко Костовски, кој како шестоосомничен во аферата „Пуч“ веќе е осуден на три години затвор поради шпионажа, Митевски кажа дека станува збор за човек што во МВР се вработил во 1992 година, важел за еден од најдобрите професионалци, бил мирен и повлечен, против него немало никакви постапки.
– Тој е искористен за одредени цели, очигледно некому му се брзало да излезе на прес-конференција и да каже дека еден од осомничените веќе потпишал нешто, рече Митевски.
– Во УБК постои строга хиерархија (началник, заменик-началник, началник на сектор, началник на одделение) и тие филтри не можат да се избегнат, тоа е невозможно. Снимањата се правени во работна атмосфера, осумчасовна, најверојатно по усмена наредба, некој ги извршувал тие наредби и ги снимал разговорите. Во 2008 година, како што објавија медиумите, дојде до средба меѓу министерката Гордана Јанкулоска и директорот на УБК, Сашо Мијалков со Ехуд Барак во Израел, при што беше потпишан договор за соработка во областа на безбедноста, меѓусебното информирање и технологијата. Самата спогодба кажува дека е разговарано за купување на одредена софистицирана опрема што после тоа е набавена и користена“, рече Митевски за „Алсат“.